Хелсиншкиот комитет за човекови права го поддржува штрајкот на текстилните работнички и работници од Крива Паланка, вработени во Друштвото за производство на чевли и трговија КАДОРО ОТТО ДООЕЛ експорт-импорт Крива Паланка. Вработените во КАДОРО ОТТО повеќе денови штрајкуваат во дворот на фабриката заради неисплатени плати и придонеси на плати за јануари и февруари 2017 година, а штрајкот завчера се пресели и на плоштадот во Крива Паланка.
„И покрај одржувањето на медијациски состанок со претставници на работодавачот, на кој присуствуваа претставници од Хелсиншкиот комитет и Здружението на текстилните и кожарските работници Тивкото мнозинство, со цел итна исплата на платите и придонесите на плати на вработените, бевме информирани од претставниците на работодавачот дека не можат да се исплатат плати и придонеси на плати за вработените бидејќи во моментот фабриката не располагала со парични средства на својата сметка“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Од таму потсетуваат дека согласно Законот за работни односи, работодавците имаат обврска да им исплатат на работниците плата и придонеси на плата за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец. Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Работодавците имаат обврска да им исплатат нето плата и придонеси од плата за пензиско и инвалидско осигурување. Изговорот дека работодавачот нема парични средства на сметката, велат од Комитетот, не го ослободува од законската обврска за навремено и редовно исплаќање на плата и придонеси на плата.
„Хелсиншкиот комитет за човекови права веќе алармираше за овој проблем, иницирајќи постапка за вонреден инспекциски надзор пред Државниот инспекторат за труд, кој констатираше дека работодавачот КАДОРО ОТТО им ги нема исплатено споменатите плати и придонеси на плати на своите вработени и издал наредба до работодавачот и одговорното лице да ги отстранат недостатоците, односно на вработените да им бидат исплатени плати и законски придонеси на платите во рок од 8 дена од извршениот инспекциски надзор. Бидејќи работодавачот не постапи по дадената наредба, Хелсиншкиот комитет испрати барање за продолжување на постапката по извршениот инспекциски надзор во кое побара од Државниот инспекторат за труд да постапи согласно своите законски овластувања и да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка“, соопштуваат од Хелсиншки.
Потенцираат дека ќе продолжат да го мониторираат овој случај, како и останатите случаи на прекршување на работничките права на текстилните работнички и работници и да обезбедува бесплатна правна помош за истите.
„Апелираме работодавачот Друштвото за производство на чевли и трговија КАДОРО ОТТО ДООЕЛ експорт-импорт Крива Паланка, да ги испочитува своите законски обврски и да им исплати на вработените плати и придонеси на плати за јануари и февруари 2017, а во спротивно бараме од Државниот инспекторат на труд и останатите надлежни државни органи да постапат согласно своите законски овластувања со цел заштита на работничките права на вработените во КАДОРО ОТТО“, се вели во соопштението на Хелсиншки.