Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува загриженост за измените на Законот за минимална плата во Република Македонија, кој беше донесен на 12-тата седница на Собранието на Република Македонија по скратена постапка. Иако со споменатите законски измени номиналниот износ на минималната исплатена плата во Република Македонија за периодот септември 2017 – февруари 2018 се зголемува на 12.000 денари, сепак остануваат одредбите за исполнување на нормиран учинок како услов за исплата на минимална плата. Поради ова, сметаат од Комитетот, Законот се уште не нуди гаранција дека работниците од сите сектори ќе ја остваруваат законски пропишаната минимална плата и остава простор за манипулации, притисоци и злоупотреби од страна на работодавачите.
„Членот 1 од Законот предвидува дека нормираниот учинок ќе се утврдува од страна на работодавачот секоја година во февруари врз основа на критериуми за ефикасност во производниот процес утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците. Нормираниот учинок треба да е остварлив за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко – технолошка целина, пооделно. Секторите каде што треба да се утврди нормиранниот учинок и каде се наоѓа најголемиот процент на работници кои остваруваат минимална плата, како текстилната, кожарската, чевларската, рударската индустрија, се всушност сектори каде се јавуваат најголемите прекршувања на работничките права. Константниот мобинг, прекршувањето на работничките права во однос на работното време, користењето денови од одмор, работа за време на неработни денови и празници, неисплаќањето на додатоци на плата, исплата на плата на рака, враќање на дел од платата на работниците, потпишување бланко документи од страна на работниците, работа во лоши хигиенско-санитарни и безбедносни услови, неефикасноста на инспекцискиот надзор се само дел од проблемите со кои се соочуваат работниците во овие сектори. Во вакво опркужување тешко е да се верува дека работодавачите и работниците ќе имаат фер и конструктивен дијалог околу утврдувањето на критериумите за ефикасност во производниот процес и дека ќе донесат заедничка, согласна и објективна одлука“, појаснуваат од Хелсиншки.
Оттаму велат дека законските измени не утврдуваат прецизни одредби што значи „соработката на работодавачот со работниците” при утврдувањето на нормираниот учинок. Покрај ова, според нив, нејасно е дали овие критериуми се утврдуваат со консензус на сите вработени, со мнозинство гласови на вработените, дали во преговарањето за утврдување на критериумите се вклучени сите вработени или претставник на вработените или пак претставник на синдикатот, кај оние работодавачи во кои вработените имаат основано синдикат.
Дополнително, за нив загрижувачки се и тврдењата на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство дека текстот на измените на законот кој бил усогласен на јавна расправа и потврден на Економско-социјалниот совет на 18.07.2017 од страна на трите социјални партнери воопшто не содржел одредби со кои се предвидува и дефинира нормираниот учинок.
„Поради ова сметаме дека усвојувањето на ваквиот закон суштински нема да ја зголеми минималната плата во секторите каде се бара исполнување на нормиран учинок и бараме итно менување на Законот за минимална плата во насока на отстранување на одредбите за нормиран учинок“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.