Хелсиншки: Во Македонија има понатамошно уназадување на заштитата на човековите права

На Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, Хелсиншкиот комитет за човекови права оценува дека како последица од продолжената политичка криза, во 2016 година во Република Македонија забележано е понатамошно уназадување на промоцијата и заштитата на човековите права.

„Бришењето на границата меѓу државата и партијата резултираше со ‘заробена држава’ во која владејачките партии ги злоупотребуваат државните институции за остварување на сопствените интереси. Во борбата за останување на власт, партиите користат речник кој се состои од навреди, клевети, омраза, дискриминација и шовинизам. Наместо да делуваат како заштитници на граѓанските права и слободи, надзорните и регулаторните тела се целосно потчинети на политичките елити. Правосудните органи продолжуваат со практикување на селективна правда. Судството врши свесна опструкција при откривањето и казнувањето на виновниците за бескрупулозниот упад во приватноста на илјадници граѓани преку нелегалното прислушување“, соопшти Хелсиншкиот комитет.

Најчести жртви на, како што велат од таму, ретроградните политики во областа на човековите права се припадниците на маргинализираните заедници, а особено Ромите, жените, децата и младите, ЛГБТ луѓето и бегалците. Оценката на Хелсиншки е дека поделбите по партиска, етничка и верска основа предизвикаа понатамошна ерозија на социјалниот дијалог.

„Продолжува трендот на (само)цензура меѓу новинарите и медиумскиот простор. Пренесувањето на информации е пристрасно и неретко ги содржи обележјата на пропаганда“, потенцираат од таму.

Хелсиншкиот комитет повикува на солидарност помеѓу сите граѓани и отфрлање на манипулациите насочени кон омраза и поделби. „Секоја граѓанин, без разлика на неговата етничка и верска припадност или политичко убедување, може и треба да застане во одбрана на сопствените и правата на другите луѓе“, се додава во соопштението.

Денешниот ден во земјите членки на ОН се одбележува под слоганот „Застани во одбрана на нечии права“, а генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун во своето обраќање до нациите, порача дека „сите ние можеме и мораме секојдневно да дејствуваме во насока на унапредување на човековите права за луѓето околу нас“.