Хелсиншки: Во граничните кампови престојуваат околу 200 бегалци

Во кампот во Гевгелија во текот на изминатата недела престојувале околу 130 бегалци, а транзитирале околу 90. Во Куманово пак боројката се движи до 100 бегалци, но секојдневно пристигнуваат нови, со потекло од различни земји односно од Авганистан, Алжир и Мароко, јавува Хелсиншкиот комитет за човекови права, во неделниот извештај за состојбата со бегалците во Македонија.

„На почетокот на седмицата, 72 бегалци се затекнати на илегални патишта од кои, 22 се пронајдени на патот кон Дојран, тројца бегалци затекнати во близина на село Негорци меѓу кои една бремена жена и двајца мажи. Подоцна, откриени двајца бегалци со потекло од Алжир и Тунис, кои пак воделе кон пронаоѓање на 25 бегалци, сокриени под вагони на воз товарен со јаглен кој ја поминал македонската граница и требало да продолжи кон Србија. Сите заедно се донесени во кампот, каде што им е укажана хуманитарна и медицинска помош. При крајот на денот, уште 20 бегалци се затекнати на патот кон Дојран со потекло од Пакистан и Авганистан,  по што се донесени во кампот од страна на полицијата. Сите овие групи се пренесени на грчка територија“, соопштија од Хелсиншки.

Во кампот во Куманово пак на сите нови бегалци им се обезбедува хуманитарна и медицинска помош, по што им е кажано да го напуштат кампот. Некои од нив го напуштаат и повторно се враќаат, но тие не се регистрираат од надлежните служби.

„Бегалците се во тешка психичка состојба и имаат итна потреба од психолог. Нивната неизвесност и недостатокот од активности во кампот ги доведува до состојба на депресија. Едно семејство кое од кампот се упатило кон Србија, било фатено од страна на српската полиција во близина на Белград, по што се вратени на македонска територија“, стои во извештајот.

Бројот на бегалци во прифатните центри останува недостапен.