Хелсиншки: Владиката Петар направи директна повреда на член 9 од Уставот

Хелсиншки: Владиката Петар направи директна повреда на член 9 од УставотХелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ најостро ја осудија изјавата на Митрополитот Петар, преку која, како што велат, се  повредува рамноправноста на жената и правото на избор да биде мајка и сопруга.

„Веќе подолг временски период жената во Македонија се претставува единствено во улога на мајка и сопруга, што претставува повреда на рамноправноста и директна дискриминација врз жената по основ на пол и род. Сакаме да потенцираме дека ваквите повикувања за враќање на жената кон традиционално поставениот систем на вредности и нејзина општествена ексклузија, не претставуваат ништо друго освен деградација на вредноста на жената и потценување на нејзиниот придонес за општествениот напредок“, се вели во соопштението.

Организациите потенцираат дека со изјавата на Митрополитот Петар, во која тој како причина за зголемениот број разводи во 2012 година ги посочува жените, наведувајќи дека не сакале да прифатат дека главата во куќата е мажот и жените треба да бидат подвластени на мажот, тој прави директна повреда на член 9 од Уставот на Република Македонија, во кој е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот.

Освен тоа, според граѓанските организации, се прекршува и членот 25, со кој се гарантира почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот на секој граѓанин, на неговото достоинство и угледот, член 41 во кој е утврдено правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца, како и на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и одредбите од Законот за еднакви можности на мажите и жените.

„Со делот од изјавата, преку кој жената е претставена како единствен спасител на нацијата, народот, државата и црквата, се повредува и секуларноста на државата од црквата, односно се повредува и Амандманот VII на член 19 од Уставот на Република Македонија, во кој е утврдено дека црквите, верските заедници и други религиозни групи се одвоени од државата. Жената постојано се поставува како објект преку кој ќе се остварат владините мерки за зголемување на наталитетот, без притоа да се почитува нејзината рамноправност во општетството и правото слободно да одлучува за создавање на деца“, реагираат организациите.

Тие побараа од Комисијата за заштита од дискриминација и правниот застапник при нееднаков третман на жените и мажите, како дел од Министерството за труд и социјална политика, да се поведе постапка за утврдување на дискриминација врз основа на пол и род, сторена од страна на Митрополитот Петар.