Хелсиншки: Уставниот суд не ја штити автономијата на УКИМ

Уставниот суд не ја штити автономијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“(УКИМ) од влијанието на извршната власт, стои во последниот Извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Ваквиот заклучок доаѓа по одлуката на Уставниот суд во врска со иницијативата на група професори и сенатори од УКИМ, на кои им беа одбиени барањата за поведување постапка за повеќе одредби од Законот за високо образование, како и проверка на правилниците што ја регулираат работата на универзитетите.

Хелсиншки: Уставниот суд не ја штити автономијата на УКИМ
Две години по поднесувањето на иницијативите, од Хелсиншки посочуваат дека Уставниот суд донесе решение за поведување постапка за оценување на уставноста на само два члена. Едниот се однесува на именувањето на претседателот на Одборот за акредитација и евалуација од страна на Владата на Република Македонија, вториот на делот со кој менторот на докторскиот труд не може да биде член на комисијата за одбрана на докторскиот труд. Со ова, сметаат од Хелсиншки, судот не ја заштитува автономијата на УКИМ.

„Сметаме дека со ваквите одлуки на Уставниот суд се зајакнува влијанието на извршната власт врз работата на Универзитетот, кој, според Уставот на Република Македонија има гарантирана автономија“, се посочува во Извештајот.
Според ова, од Хелсиншкиот комитет уште посочуваат и дека се сомневаат дека судот ќе успее да го заштити Универзитетот и во однос на последните измени на Законот за високо образование кои Собранието ги донесе без претходна јавна расправа.

„Дека не се земени во предвид реакциите на универзитетските професори и сенаторите за повредувањето на автономијата на Универзитетот од страна на извршната власт, говорат и последните измени на Законот за високо образование, кој на предлог на Владата , се донесе од страна на Собранието на Република Македонија без претходна стручна расправа. Имено, со новите измени се предвидува одобрување на наставните програми од страна на извршната власт, книгите од кои студентите ќе учат, начинот на гласање при одлучувањето, начинот на трошење на средствата на Универзитетот, со што повторно се повредува и финансиската автономија“, стои во извештајот на Хелсиншки.

Во својот Извештај од Хесиншкиот комитет посебно се осврнуваат кон проблемите на припадниците на ЛГБТИ заедницата. Само во последните пет месеци Комитетот нотирал 8 случаи на насилство врз ЛГБТИ заедницата, од кои последните два се забележани минатиот месец. И во двата случаи станува збор за лица кои поради својата сексуална ориентација станале жртви на семејно насилство.

Во овој дел како позитивна промена од Комитетот го посочуваат заживувањето на работата на ЛГБТИ Центарот за поддршка во Скопје, каде се повеќе луѓе доаѓаат заради помош или социјализација.

„Секако потребата од ЛГБТИ Центарот за поддршка се чувствува најмногу токму заради минималното или никакво ангажирање на државните институции, националните медиуми, како и заради појавата на конкретни случаи каде што е потребна некаква интервенција или поддршка“, забележуваат од Хелсиншкиот комитет.