Хелсиншки: Спорно е исклучувањето на јавноста од утрешната седница на Уставниот суд

Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека е спорна одлуката на Уставниот суд на чија веб страница денеска е ставено известување дека утрешната 7-ма седница ќе биде затворена за јавноста.

„Според Член 83 од Деловникот на Уставниот суд работата на Судот е јавна. Членот 85 утврдува дека јавноста може да се исклучи ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државна, службена или деловна тајна, заштитата на јавниот морал и во други оправдани случаи што ги определува Судот. Упатуваме јавен повик до претседателката на Уставниот суд да даде образложение поради која причина и на кој начин е донесена одлуката за исклучување на јавноста за време на утрешната седница?“, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Оттаму порачуваат дека Уставниот суд не смее да ја продолжи тенденцијата на нетранспарентност на институциите и да дозволи поинакво дефинирање на јавното следење и информирање за неговата работа.

„Потсетуваме дека претседателката на Уставниот суд во јуни 2014 донесе усна одлука со која на медиумите им забрани аудио-визуелно снимање на седниците на Уставниот суд. Со денешната одлука, Уставниот суд целосно се затвора за јавноста, што е спротивно на принципите на демократијата и владеењето на правото“, додаваат од Хелсиншки.

Реакцијата на Хелсиншкиот комитет доаѓа пред денешниот протест на движењето „Ајде“, кој го поддржаа повеќе организации и опозициската СДСМ. Протестот се организира поради утрешната седница на Уставниот суд, на која треба да се одлучува дали ќе падне Законот кој му забранува на Претседателот на државата да помилува осуденици за изборен криминал, педофилија, трговија со дрога.

Од Хелсиншкиот комитет информираат дека во моментов околу зградата на Уставниот се собрани стотици граѓани што се потпишуваат на списоци и на кои им се делат сендвичи и пијалоци.

„Очигледна е намерата на овие граѓани да го спречат или смеќаваат одржувањето на уредно пријавениот мирен јавен собир пред Уставниот суд во текот на денешниот и утрешниот ден. Хелсиншкиот комитет укажува дека ваквиот вид на контра-протест на таа локација и во тој временски период е недозволив, а доколку биде спроведен граѓаните што во него учествуваат ризикуваат сторување на кривичното дело Спречување или смеќавање јавен собир од Член 155 од Кривичниот законик. Санкцијата, предвидена за ова дело, е парична казна или затвор до една година“, појаснуваат од Хелсиншки.