Хелсиншки: Шест инциденти и кривични дела сторени од омраза во јануари

Во текот на месец јануари мапирани се шест злосторства од омраза што претставува благо опаѓање на нивниот број на месечно ниво (за периодот март – декември 2013 година месечнот просек изнесува 11 инциденти), се наведува во месечниот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Хелсиншки: Шест инциденти и кривични дела сторени од омраза во јануари

Комитетот веќе една година ги следи и мапира инцидентите и кривичните дела мотивирани од нетолеранција, односно предрасуди кон одредена група во општеството. За една година нотирани се над 60 потврдени и над 60 непотврдени инциденти во кои мотивот бил заснован на предрасуди или условите под кои се случил инцидентот укажуваат на прекршок или кривично дело сторено поради омраза.

Над 70% од сите овие се случуваат во Скопје, а остатокот најчесто во северно-западна Македонија. Најчеста мотивација за сторување на овие инциденти/кривични дела е различната национална припадност, верското убедување, сексуалната ориентација и политичката определба.

Минатиот месец, првиот ваков инцидент се случи на 12 јануари кога клисар во црквата Свети Анастасиј и Света Петка во скопското село Волково пријавил во полициска станица дека се бутнати неколку надгробни плочи од црквата и огласната табла од црквата во селото. Вториот инцидент, на кејот на реката Вардар кога непознати сторители на 13 јануари ја уништија спомен плочата на Мара Бунева, поставена од страна на бугарски здруженија во Македонија. Ист ваков инцидент се случи и минатата година, нотирано е во извештајот.

На 14 јануари пак, било демолирано возило на Либерално-демократската партија на Македонија. Од партијата изразија сомневање дека се работи за намерен чин и заплашување. Четвртиот инцидент се случил на 18 јануари кога бил демолиран објект на партиски огранок на политичката партија Социјал-демократски сојуз на Македонија во Струмица. Според извештајот, инцидентот се случил во доцните вечерни часови кога непознати лица ги искршиле стаклата на објектот. Според кажувања на очевидец, тој слушнал како група деца извикувале „Смрт за комунистите“.

На 21 јануари во дворот на средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје 18- годишник од селото Крушопек, кој бил вонреден ученик, со глава по аркадата удрил две години помлад соученик. Според Министерството за внатрешни работи нападнатото момче се обидело да извади метална палка на расклопување, но било спречено да ја употреби од страна на обезбедувач во училиштето.

Последниот инцидент се случи во скопското село Крушопек на 31 јануари кога група малолетници, на организирана средба меѓу навивачки групи “Млада екипа Комити” – Карпош и “Дивиџијан Хандрија”, без повод и причина, оштетиле автомобил, каменувале куќи и навредувале минувачи. Полицијата идентификувала дел од напаѓачите и против нив се поднесени кривични пријави за насилство.