Хелсиншки: Сè уште нема решение за дислоцираните Роми од населбата под Кале

Еден месец од насилното бркање и рушењето на импровизираните бараки на Ромите под Кале, државата се уште нема решение за проблемот со домувањето на 121 лице кои во моментов живеат под отворено небо непосредно до кејот на Вардар, апелираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму велат дека државните институции не преземаат никакви чекори во решавањето на овој проблем, а дека Инспекторатот при Град Скопје не им дозволувал на лицата повторно да подигнат привремени живеалишта.

Тие неколку пати ги посетиле дислоцираните лица и при тоа утврдиле дека станува збор за 29 семејства или 121 лице, меѓу кои 64 деца, вклучувајќи 10 бебиња и три бремени жена кои живеат под отворено небо, без минимални услови за живот. Како резултат на тоа, како и заради топлото време и недостатокот на средства за лична хигиена, голем број од лицата имаат кожни инфекции и низа здравствени проблеми. Дополнително, од Комитетот велат дека дел од лицата немаат лична документација, а со самото тоа не можат да ги остварат своите права од здравствена и социјална заштита.

„Во остварените контакти и одржаните состаноци со надлежните органи од страна на невладината организација Амбрела, информирани сме дека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста за решавање  на проблемот. Претставници од Град Скопје велат дека за решавање на проблемот надлежно е Министерството за труд и социјална политика. Од Министерството за труд и социјална политика одговорноста ја префрлаат на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, кој како единствено решение предлага лицата да бидат сместени во прифатниот центар во Чичино Село. Овој прифатен центар нема капацитет да ги смести сите 29 семејства, ниту пак има соодветни услови за живот“, сметаат од Хелсиншкиот комитет.

Тие, заедно со уште неколку здруженија и организации упатија барања до државата за решавање на проблемот на дислоцираните Ромски семејства.

Дел од барањата се Министерството за труд и социјална политика да изврши итно мапирање на семејствата кои се дислоцирани, дислоцираните семејства итно да бидат сместени во некои од прифатилиштата под надлежност на Министерството за труд и социјална политика кои исполнуваат соодветни услови за живот, или да бидат времено сместени во објекти од привремен карактер. Понатаму, организациите и Хелсиншкиот комитет бараат на дислоцираните семејства да им бидат распределени социјални станови од проектот за домување на социјално ранливите групи, да им се обезбедни здравствено осигурување и итна здравствена заштита, а на дислоцираните лица кои немаат лична документација да им се олесни пристапот до вадење на лична документација.

Меѓудругото, тие бараат и на сите семејства да им биде доделена еднократна парична помош и социјална парична помош, а децата кои се наоѓаат на возраст за основно и средно образование итно да бидат вклучени во образовниот процес.

Хелсиншкиот комитет во соработка со партнерските организации најави дека ќе продолжи со мониторирање на овој случај.