Хелсиншки: Се проширува кампот во Гевгелија, мигрантите во Табановце остануваат проблем

Расте бројот на бегалци кои се враќаат од српската граница кон Македонија и од Македонија кон Грција, во Табановце, „економските мигранти“ остануваат најголем проблем, надлежните понудиле решение за бегалците кои немаат доволно пари за карта за воз. Ова се дел од проблемите нотирани во неделниот извештај за бегалската криза и состојбата на граничните премини во Гевгелија и Куманово. Извештајот го опфаќа периодот од 8 до 14 февруари.

На граничниот премин во Гевгелија во текот на минатата седмица се регистрирани 12.602 бегалци или 15% помалку од минатата недела. Хелсиншки нотира дека во кампот постојано се работи на проширување на просторните капацитети и се поставуваат тоалети во близина на платформата на возот и двата големи шатори, кои значително ќе го олеснат престојот на бегалците во кампот. Исто така, поставени се четири нови контејнери во близина на возот, од кои два се опремени со кревети и се наменети за подолг одмор на бегалците.

Од Хелсиншки забележуваат непристојно и неетичко однесување на одредени новинарските екипи, кои без одобрение ги сликаат и снимаат бегалците и ги вознемируваат со лични прашања и кога не сакаат да одговараат. Тие го поздравуваат воведувањето решение за постојаниот проблем со превозот и пропуштањето на бегалци кои немаат парични средства за карти. Во кампот се присутни полициски службеници на Чешката, Словачката, Словенечката, Унгарската и од неодамна Српската полиција.

„Во изолиран настан, припадници на словачката полиција интервенирале при тепачка помеѓу група на Авганистанци и Сиријци која настанала во возот. Депортирањето на поединци и групи кон Грција секојдневно се зголемува, бидејќи сè повеќе групи се затекнуваат со фалсификувани документи. Новина е тоа што во текот на неделата беа затекнати бегалци кои потекнуваат од Непал, Кенија и Шри Ланка“, се вели во извештајот.

Во кампот во Табановце пак транзитирањето на бегалците се одвива брзо, задржувањето е кратко и веднаш се продолжува кон за Србија.

Од Хелсиншки забележуваат дека еден од поголемите проблеми е справувањето со „економски мигранти“, односно организирањето на нивно превезување назад кон Гевгелија. Во недостаток на превоз кон Гевгелија, тие се задржуваат подолго време во кампот, понекогаш и до една недела, што влијание лошо врз нивното здравје.

„Во текот на неделата, по интервенција на набљудувачите на терен, неофицијално беше договорено со полициските службеници, „економски мигранти“ да се враќаат назад кон Гевгелија со воз. Меѓутоа, ваквата одлука не се спроведува од страна на вработените во Македонски железници, со оправдување дека тоа не можеле да го сторат без наредба од раководно лице. Кон крајот на неделата, беше договорено раководителот на кампот да го одобрува превезувањето на „економските мигранти“ со воз назад до Гевгелија“, стои во извештајот.

Хелсиншкиот комитет апелира на добро организиран и координиран договор помеѓу надлежните институции во кампот, со цел да се обезбеди превоз за „економските мигранти“ кои сакаат да се вратат назад кон Гевгелија. Информираат дека од српската страна во текот на неделата се вратени 11 луѓе во Македонија, некои од нив бидејќи се од групата „економски мигранти“, а останатите бидејќи не поседувале соодветни документи.