Хелсиншки: Се намалува бројката на бегалци во македонските кампови

Хелсинчкиот комитет за човекови права во неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово, забележува намалување на бројката на лица кои престојуваат во бегалските кампови.

Според бројките од страна на набљудувачите на Хелсиншки, на почетокот на седмицата, вкупниот број на бегалци во гевгелискиот камп Винојуг изнесува 101 лице. Повремено се случува од кампот да заминат мал број на бегалци , додека во приемниот шатор пред кампот бројката на бегалци секојдневно варира.

„Во текот на оваа седмица, секој ден во приемниот шатор беа носени поголеми и помали групи на бегалци кои полицијата ги затекнала по илегални патишта. Наместо да се носат во полициската станица во Гевгелија, поради недостаток на просторни услови, бегалците се носат во кампот и за кратко време се депортираат кон грчка територија од страна на македонските служби. Бројот на бегалци во групите варира од најмалите групи со околу 40 луѓе, до најголемите групи со околу 200 луѓе. Вкупната бројка на бегалци кои во оваа седмица биле сместени во приемниот шатор во кампот, а потоа депортирани кон грчка територија изнесува околу 1267“, нотираат од Хелсиншки.

Во кампот на Табановце, во Куманово, на почетокот на седмицата имало 601 бегалец, додека до крајот бројката е намалена на помалку од 400 бегалци. Комитетот нема конкретни информации за тоа што се случува со бегалците кои го напуштиле кампот.

„Во текот на оваа седмица, Министерството за внатрешни работи преку дневните билтени извести за пет случаи на криумчарење на мигранти, од кои најголем дел се во гевгелиската околина. Имено, во сите случаи имало вкупно 132 бегалци со потекло од Ирак, Сирија, Иран, Пакистан и Авганистан, но и по еден бегалец со потекло од Индија и Конго. Во петте случаи, тројца од осомничените криумчари се фатени од страна на полицијата, еден се дал во бегство додека во останатите два случаи, осомничени не се пронајдени на местото на настанот, туку мигрантите се пронајдени во товарни возила“, се вели во извештајот на Хелсиншки.