Хелсиншки: Се крши правото на азил, лоши услови за бегалците во Табановце

Тројца бегалци ги загубија животите во Сува река кај Гевгелија, продолжува праксата на кршење на правото на азил, се бележи зголемен број на заразни болести и вошки во Табановце каде е пријавен и случај на семејно насилство. Ова се дел од забелешките кои ги нотира извештајот на Хелсинчкиот комитет за човекови права за состојбата со бегалците на граничните премини во Гевгелија и Куманово минатата недела.

Од Хелсиншки потсетуваат 14 март, кога загинаа три лица од дваесетчлената група бегалци од Авганистан и Иран што се обиделе преку Сува река за влезат во Македонија.

„Поголем дел од групата (околу 20 бегалци) беа извлечени и згрижени во приемниот шатор во кампот, меѓутоа три лица го загубија својот живот, од кои две жени (едната бремена) и еден маж. Телата беа идентификувани од малолетно дете кое било член на семејството. Околу четири лица беа пренесени во болница, каде што им била укажана медицинска помош, а подоцна се вратени во кампот. Два дена подоцна, поголем дел од групата е депортирана на грчката страна, освен едно семејство чиј член бил хоспитализиран. Симптоматично е што неколку лица од групата, се изјасниле дека сакаат да побараат азил во Република Македонија, но нивното барање било игнорирано и не им било овозможено. Подоцна тие биле депортирани во Грција, заедно со останатите кои изразиле таква желба“, забележуваат од Комитетот.

Оттаму опоменуваат дека игнорирањето на барањата за право на азил е кршење на правата на бегалците и строго ги повикуваат надлежните во итна постапка и без одложување да му го озозможат побарувањето азил во земјава. Во делот за Гевгелија се посочува и дека во текот на минатата седмица не е издадена ниту една потврда за искажана намера за барање азил.

Бројката на бегалци во пак Табановце се намалува, поради разотидување на групите надвор од кампот, во непознати правци и сега изнесува околу 1350 лица, стои во извештајот. Во него се додава дека условите во кампот се лоши и се појавуваат случаи на вируси, заразни болести и вошки. Хелсиншки забележува дека има зголемена нервоза и агресивност кај бегалците кои често консумираат алкохол што го набавуваат од околните села. Во кампот изминатата недела е пријавено исчезнато лице, девојка со ментална попреченост. Во друг случај пак, мајка со три деца пријавила кај полицијата дека нејзиниот сопруг физички ги малтретирал, нејзе и децата по што било упатено предупредување од полицијата до насилникот.