Хелсиншки реагира за лошо постапување со бегалците во камповите во Гевгелија и Куманово

Во неделниот извештај за состојбата на граничните премини во Гевгелија и Куманово и камповите каде транзитираат белагаците, од Хелсиншкиот комитет за човекови права укажуваат на непрофесионален однос кај дел од медицинскиот персонал и полицијата, манипулации од страна на кондуктерите при наплаќање билети за бегалците, но јавуваат и за кражби на донации од камповите.

Извештајот го пренесуваме интегрално:

Гевгелија

Поголем дел од кампот (речиси 80 проценти), од двете страни при излез кон железничката пруга е заграден со повисока метална ограда. Шаторот кој е наменет за бегалците пред влезот на кампот полека се осветлува, а поставен е и песочен под. Поставени се исто така и метални огради наменети за одржување на редот непосредно пред влезот и местото за регистрацијата во кампот. Во завршна фаза е и поставувањето на тоалети наменети за лица со инвалидитет, и помали кади за бањање на мали деца и бебиња. Хигиената е влошена, особено околу тоалетите, кои при крајот на неделата дури биле и целосно затворени.

Во текот на неделата, поставена е билетарница од Македонски железници и пуштена во употреба. Меѓутоа, функционалноста на билетарницата не е на највисоко ниво бидејќи во неа продаваат билети кондуктерите кои се симнуваат од возовите. Се повикува Македонски железници да обезбеди повеќе човечки капацитети на терен, така што билети би се продавале и пред пристигнувањето на возот, со што би се намалила гужвата и нервозата кај групите бегалци.

На билетарницата не се издаваат фискални сметки, па често се забележуваат манипулации од страна на кондуктерите при наплаќање на билетите. Во конкретен случај, кондуктер бил спремен да наплати точно 100 долари за само два билети за воз. Некои од бегалците, доколку немаат пари во соодветна валута (евра) се принудени да платат повисока цена на билетите заради решеноста да се качат на возот. Исто така, кога некои од бегалците немаат пари за билет, ги замолуваат кондуктерите да ги пуштат на возот. Тие луѓе се препраќаат на крајот на колоните за влез во возот, а нивното качување на возот зависи исклучиво од волјата на кондуктерите.

Постапувањето на медицинскиот персонал во амбулантите на терен е непрофесионално. Дел од медицинскиот персонал кон бегалците и кон активистите се однесува нељубезно и игнорантно.
И понатаму продолжува дрско однесување на полициските службеници, па дури и од повисоките рангови, кон активистите и кон бегалците. Полициските службеници кои се присутни на терен, ретко реагираат на расправии и физички пресметки помеѓу бегалците. Наместо да интервенираат, тие ги оставаат активистите кои се присутни на терен да ги смируваат тензиите и разделуваат тепачките. Во еден случај, при несогласувања меѓу бегалците пред тргнувањето на возот интервенирала Единицата за брзо распоредување (ЕБР), при што врз едно лице била употребена прекумерна сила односно со пендрек бил совладан на земја бидејќи пружил отпор при спроведувањето. За конкретниот предмет, Хелсиншкиот комитет ќе покрене постапка пред соодветните институции. Загрижувачки е што постојат индиции дека полициски службеници им барале и земале одредена сума пари на бегалците со ветување „побрзо да им ги издадат документите“.
Хелсиншкиот комитет предупредува дека ваквото дејство претставува кривично дело, и е недозволиво службени лица противправно да се стекнуваат со имотна корист на штета на бегалците за извршување на нивната должност.

Куманово 

Во текот на оваа недела е започнато проширување на кампот со изградба на уште куќички од страна на УНХЦР и магацини за складирање на храна и облека. Дополнително, поставени се уште 3 бараки од СОС Детско село, кои во употреба се пуштени кон крајот на неделата. Поради недостаток на греење во шаторите за одмор и ниските температури, бегалците се обидуваат што побрзо да го напуштат кампот.
Во почетокот на неделата, теренските тимови пријавија дека од магацинот за складирање на облека и обувки, преку ноќта биле украдени околу 90 пара детски чевли и две кутии со детски шалови. Настанот бил пријавен до раководителот на кампот, кој пак пријавил до полициските служби односно граничната полиција.

На теренот често се забележуваат посети од претставници на министерства (за труд и социјална политика, за внатрешни работи), амбасади и меѓународни организации, како и градоначалникот општина на Куманово.
Поради пристигнувањето на голем број инвалидни лица, се забележува потреба од повеќе инвалидски и ортопедски помагала. Исто така, се повикува да се најде решение доколку е можно, инвалидните лица со возила да се превезуваат до границата со Србија, поради тешката состојба во која се наоѓаат.

Иако полициските службеници на граничниот премин во Куманово генерално имаат добар однос кон бегалците, сепак се случува да не интервенираат во физички пресметки меѓу бегалците, туку оставаат на активистите да ги разделат. Проблем се забележува со луѓето кои во внатрешноста на камповите продаваат цигари, кабаници, сим картички за мобилни телефони по неразумни и значително поголеми суми од вистинската вредност. Полицијата не презема никакви активности во однос на нив.