Хелсиншки: Проблеми со бегалците на македонско-српската граница, во Гевгелија мирно

Бегалската балканска рута е затворена, а околу 1000 бегалци се сместени во Табановце, додека дополнителни 430 лица во меѓуграничниот простор во катастрофални и нехумани услови. Ова се наведува во последниот неделен извештај за мигрантите на Хелсиншкиот комитет за човекови права кој укажува дека е нарушено правото на барање азил на бегалците во Македонија.

„На 7 март, 2016 година, во Табановце пристигна воз со бегалски групи од Сирија и Ирак, кои веднаш продолжија кон српската граница. Поради затворањето на границите, тие не беа пропуштени поради што околу 430 бегалци останаа во меѓуграничниот простор. Поради лоши временски услови, во текот на наредните денови значително се влошија условите во кои тие престојуваат. Камперски шатори се поставени во поле, а од обилните врнежи од дожд, поголем дел од нив беа поплавени и во кал. Во знак на протест, бегалците од меѓу- граничниот простор во одредени денови одбиваа донации од облека и храна, како и медицинска помош. Тие немаат пристап до тоалети. После неколку дена престој на вакви услови, веќе се забележува нарушено здравје кај повеќе од нив“, се забележува во извештајот.

Хелсиншки нотира дека педесетина бегалците во меѓу- граничниот простор се згрижени во нови шатори во кампот, додека останатите одбиваа да се засолнат во кампот, во знак на протест. На 11 март, во товарен воз за Србија биле пронајдени 46 бегалци од Мароко, Иран и Авганистан, додека во неделата група од 18 бегалци од меѓу- граничниот простор кои доброволно се пријавиле, со воз се пренесени во кампот во Гевгелија, каде што се згрижени.

„Загрижувачки е тоа што неколку бегалци во кампот кои се изјасниле дека сакаат да побараат азил во државата, но тоа не им било овозможено од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи кои се присутни на терен. Тие се служеле со изговори дека нема формулари, не се тука надлежните лица за азил и слично. Хелсиншкиот комитет остро реагира на ваквата пракса, која е неприфатлива и го крши правото на барање на азил на бегалците. Хелсиншкиот комитет ургира итно и неодложно да се процесираат барања за азил на бегалците кои сакаат да побараат“, стои во извештајот.

Од Хелсиншки апелираат да се пронајде решение како организирано да се спроведуваат или придружуваат бегалците од кампот кои сакаат да подигнат парични средства. Во извештајот се нотира уште и тоа дека жителите на околните села им продавале алкохол на бегалците во кампот, а во неколку случаи полицијата интервенирала во при физичка пресметка на групи алкохолизирани Авганистанци.

Во Гевгелија пак, во текот на оваа седмица се издадени се 132 потврди за искажана намера за поднесување барање за азил, сите на 7 март. Во остатокот од седмицата не е издадена ниту една потврда поради официјално затворање на Балканската рута за бегалците. Во кампот во Гевгелија бројката на бегалци кои престојуваат е 21 лице, а донесени се и четири нови контејнери во кои ќе бидат поставени шалтери за регистрација.