Хелсиншки: Полицајците, нивните претпоставени, напаѓачите и организаторите на протестот се одговорни за немирите

Хелсиншкиот комитет за човекови права преку соопштение до јавноста реагира и дава извештај за случувањата во и надвор од Собранието на Република Македонија.

Од Комитетот потенцираат дека набрзо по изборот на претседател на Собранието на РМ од парламентарното мнозинство, организаторите и учесниците во протестот „За заедничка Македонија“ насилно влегле во собраниската зграда. Видно од многубројните видео снимки, велат од  Комитетот, полицајците задолжени за чување на јавниот ред и мир и безбедноста на присутните во собраниските сали, дозволија непречен влез на протестантите.

„Влезот им беше дозволен и на лица кои беа маскирани со ‘фантомки’ и качулки и кои со себе носеа тврди и остри предмети наменети за загрозување на физичкиот интегритет на присутните во Собранието. Набрзо потоа беа повредени неколку пратеници, а на местата на извршувањето на кривичните дела не беше забележано присуство на полиција“, соопштуваат од Комитетот.

Хелсиншкиот укажува дека одговорноста за, како што велат, ваквиот вандалски чин е кај напаѓачите, организаторите на протестот и особено кај присутните полициски службеници и нивните претпоставени.

„Согласно Законот за полиција, грижата за подготвеноста на Полицијата за дејствување и работа во услови на сложена безбедносна состојба и за кривични дела извршени од структурирана група од три или повеќе лица е во надлежност на Бирото за јавна безбедност. Со Бирото раководи директорот Митко Чавков без чие знаење и наредба не смеат да се спроведат или одбијат полициските овластувања. Според Кривичниот законик, вршењето на грубо насилство од страна на група над повеќе граѓани кое во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв е тешко кривично дело. Очигледно е дека непостапувањето на полициските службеници е производ на незаконска наредба и злоупотреба на службената положба. За ваквите постапки кривична одговорност сносат и претпоставениот и извршителите“, потанцираат од Хелсиншки.

Согласно Законот за јавните собири, организаторот на протест и Полицијата се должни да го прекинат одржувањето на јавниот собир, ако дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот.

Наместо тоа, со поддршка на Полицијата, организаторите влегоа во Собранието и јавно ги повикаа останатите протестанти да им се приклучат. Со тоа, организаторите на протестот, заедно со напаѓачите се директно одговорни за насилството, телесните повреди на пратениците, противправното лишување од слобода и останатите кривични дела сторени во Собранието. Хелсиншкиот комитет ги повикува Секторот за внатрешна контрола при МВР и јавното обвинителство да спроведат итна истрага за утврдување на одговорност кај сите инволвирани во денешните насилни немири. Истрагата мора да започне со приведување на сите полициски службеници кои ја злоупотребија својата положба, нивните претпоставени, напаѓачите и организаторите на протестот ‘За заедничка Македонија’, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.