Хелсиншки: Обиди за заплашување на младите за време на средношколскиот бојкот

Двомесечните протести, бојкот на наставата и поставувањето на камп наспроти Министерството за образование и наука од страна на на автономното движење Средношколски пленум започна под остри напади кон младите кои земаа активно учество во протестите и преговорите со министерството, констатира Хелсиншкиот комитет во последниот извештај за состојбата со човековите права.

Од Комитетот велат дека постоеле обиди за прекин на бојкотот и преговорите преку различни методи на заплашување и етикетирање на младите во јавноста.

„И покрај бројноста и правната основа за прифаќање на понудените измени во реформите од страна на младите, сепак, Министерството за образование и наука одлучи да ги игнорира и молчи до прекинот на протестите.

Комитетот изнесе забелешки и за преговорите кои се водеа помеѓу претставниците на Средношколскиот пленум со Министерот и заменикот-министер за образование и Абдулаќим Адеми, Спиро Ристовски и Вице-премиерот Владимир Пешевски. Обидите за дискредитација на барањата на младите како и нивната личност и достоинство не беа земени предвид. Одвоените 20 минути простор за зборување за состанок во времетраење од 1 час и 15 минути укажува на непознавањето и непочитувањето на одредбите од Конвенцијата за правата на детето, која во член 12 предвидува дека детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му обезбедува право на слободно изразување на тоа мислење за сите права кои го тангираат, посветувајќи му должно внимание. Воедно, Комитетот ги разгледа правните основи на младите и во целост ги поддржува барањата за укинување на екстерното тестирање како модел“, се вели во извештајот.

Комитет потсетува дека државите имаат позитивна обврска да го штитат ова право на децата и да ги едуцираат државните, јавните и полициските службеници за правото на децата да протестираат, со цел полесно практикување на ова право. Позитивната обврска на државата за посебна заштита на децата кои учествуваат во протести се согледува и низ праксата на Европскиот суд за човекови права.

„Дополнително, игнорирањето од страна на Министерството за образование и наука на протестите на средношколците и нивните барања претставува директно кршење на Конвенцијата за правата на детето, која во член 12 предвидува дека секоја држава на детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му обезбедува право на слободно изразување на тоа мислење за сите права кои го тангираат, посветувајќи му должно внимание. За таа цел, на детето посебно му се дава можност да биде сослушано во сите постапки кои се однесуваат на него, било непосредно или посредно. Во оваа насока реагира и Комитетот за правата на детето при Обединетите нации, кој во завршните согледувања за Македонија за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето, препорачува во целост да се почитува овој член на начин што децата ќе бидат слушнати во семејството и училиштата, но и во општеството во целост“, додаваат од Хелсиншкиот комитет.