Хелсиншки: Недостиг на храна во бегалските кампови во Куманово и Гевгелија

 

Проблем со делењето храна и појава на болести и шуга се дел од проблемите во бегалските кампови во Куманово и Гевгелија кои ги нотира последниот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Проблемот со распределбата на храната се појави откако неодамна на невладините и хуманитарните организации им се забрани оваа функција. Хелсиншкиот комитет препорачува да се врати старата практика на невладини/хуманитарни организации да ја делат храната или да се воведе алтернативно решение кое ќе ги задоволува потребите за храна во кампот.

Бегалците често се жалат на лошата и недоволна храна. Недостиг на храна за децата има во Гегелија, а во Куманово честопати нема и вода.

Во кампот во Куманово од Хелсиншки забележуваат дека процедурата за поднесување барање за азил воопшто не функционира подолго време, додека на бегалците им се даваат разни изговори за да се заобиколи поднесувањето на барањето.

Комитетот опоменува дека непочитувањето на процедурата за барање азил претставува кршење на човековите права на бегалците и ги повикуваме надлежните итно и неодложно да им се овозможи на лицата кои сакаатда побараат азил, да го сторат тоа.