Хелсиншки: Мора да има санкции за делата од омраза

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија бара санкции за делата сторени од омраза и изразува жалење смртта на младиот Никола Саздовски, кој вчера им подлегна на повредите со кои се здоби пред десет дена,  откако беше нападнат и брутално претепан од три лица.

Оттаму бараат преземање сериозни мерки за спречување на делата од омраза, не само откако делото ќе се случи туку и превентивно односно преку санкционирање на употребата и ширењето на говорот на омраза.

„Несомнени се последиците од несправувањето со говорот на омраза, нешто кое досега во многу случаи се потврди, но за жал не сме сведоци на бескомпромисноста во борбата против овие дела. Имено, ОЈО сè уште не постапува по допрен глас за случаи на говор на омраза иако јавноста редовно реагира и укажува на случаи на говор на омраза особено на социјалните медиуми. Уште повеќе, нашите согледувања говорат дека органите на прогонот сè уште соодветно не ги третираат делата од омраза туку најчесто ги водат како полесни дела, односно прекршоци“, соопштија од Хелсиншки.

Во изминатите шест и пол години, Комитетот регистрирал вкупно 443 инциденти и дела од омраза, кои во најголем процент се случиле помеѓу малолетници или млади луѓе поради етничката припадност на жртвата или сторителот. Затоа, посочуваат, место декларативни заложби против говорот и делата од омраза, полицијата и обвинителството треба да ги препознаат и регистрираат ваквите случаи за соодветно да ги казнат сторителите.

„Единствено со соодветното санкционирање на говорот на омраза и делата од омраза, институциите на системот ќе испратат порака до граѓаните за својата сериозност и бескомпромисност во борбата против говорот на омраза и делата од омраза чии што последици најчесто ги трпат младите луѓе“, заклучуваат од Хелсиншки.

Дваесетиедногодишното момче денеска беше погребано на гробиштата во Ракотинци. Пред десет дена тој беше нападнат од три лица, негови врсници, на автобуската постојка во скопска Автокоманда, по што со тешки повреди е пренесен во болница. Полицијата уапси двајца од осомничените, а по едно лице се уште се трага. Обвинителството првично случајот го водеше како „насилство“, но се очекува тој да биде преквалификуван како „убиство“.

Пред погребот денеска, неговите пријатели од навивачката група „Комити“,  со собир пред нивната западна трибина на стадионот во Скопје се простија од нивниот другар. Потоа со колона од возила и знамиња се упатија кон Собранието, запалија свеќи за Никола, по што продолжија на погребот.