Хелсиншки: Македонија се уште има проблем со уживање и заштита на правата

„Под слоганот „Човекови права 365“, денес 10 декември, во земјите членки на Обединетите нации се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. Слоганот пренесува порака дека како неотуѓиви и неделиви, човековите права му припаѓаат секому, на секое место и во секое време поради што треба да се промовираат и штитат секој ден, 365 дена во годината.

„И покрај воспоставените норми и механизми за овозможување на целосно уживање на човековите права, во Република Македонија сè уште опстојува проблемот со нивно непотполно уживање и заштита. Во 2014 година продолжи политизацијата на сите сегменти од општественото живеење, назадуваше парламентарната демократијата и бескрупулозно се наметнуваа ставовите на мнозинството наспроти волјата на малцинствата и на штета на слободата и индивидуалноста“, се вели во сооптението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Според Комитетот, поделбите по партиска, етничка и верска основа предизвикаа ерозија на социјалниот дијалог и отуѓување меѓу граѓаните на државата. Хелсиншкиот комитет е особено загрижен за влошувањето на меѓуетничките односи, ограничувањето на јавното информирање и слободната мисла, несправувањето со говорот и криминалот од омраза и нефункционалноста на механизмите за заштита од дискриминација.

„Како резултат на политички притисоци и реваншизам, засилено продолжува трендот на (само)цензурирање меѓу новинарите и медиумскиот простор. Главниот спонзор на големото мнозинство национални телевизии и други медиуми останува Владата чие влијание ја диктира уредувачката политика“, се вели во соопштението.

Од Хелсиншки велат дека овој ден го посветуваат на жртвите кои ќе служат како потсетник на државата за превземените обврски во обезбедување на услови за почитување на човековите права.