Хелсиншки: Лекари неетички одбивале да даваат медицинска помош на бегалците

Лекари во југоисточна Македонија ја прекршиле Хипократовата заклетва и поради стереотипи не им пружиле здравствена нега на мигрантите за време на бегалската криза на јужната граница, констатира Хелсиншкиот комитет во редовниот септемвриски извештај за состојбата со човековите права. Во извештајот, покрај останатото, стои дека државата не успева да ја подобри состојбата на Ромите, а се укажува и на одлуката на Европскиот суд за човекови права дека удирањето шлаканица од полициски службеник е деградирачки третман.

Како што посочуваат од Комитетот во текот на месец август, 23 од вкупно 25 приватни здравствени ординации од општините Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци преку петиција потпишана од лекари го известиле Фондот за здравствено осигурување дека нема да ја почитуваат наредбата за дежурства во амбулантата за мигранти, лоцирана во полициската станица на Железничката станица во Гевгелија. Од Комитетот јавуваат дека лекарите не ги прифатиле дежурствата во амбулантите, бидејќи немале таква законска или договорна обврска, односно во адаптираната амбуланта немало основни услови за обезбедување медицинска услуга.

Хелсиншкиот комитет во извештајот потсетува дека сите лекари во Република Македонија се обврзани да постапуваат според Хипокритовата заклетва, преточена во лекарската заклетва содржана во Декларацијата од Женева од 1948 година.

„Според овие заклетви, лекарите својот живот го ставаат во служба на хуманоста и својата професија ја извршуваат совесно и достоинствено. Во вршењето на должноста кон болните, лекарите не смеат да имаат никакви предрасуди во однос на возраста, болеста или попреченоста, етничката припадност, полот, верата, националноста, расата, политичката припадност, расата, сексуалната ориентација или социјалниот статус“, јавуваат од Комитетот кој ги повика Министерството за здравство и ФЗОМ на граничните премини да обезбедат соодветни услови за лекување на бегалците.

Во однос на магинализираните заедници, Комитетот смета дека дошло до кршење на правата на Ромите и до сегрегација кај ромските ученици.

„Очигледно е дека државата не успева да ја подобри состојбата на Ромите како припадници на најмаргинализираната етничка заедница во Република Македонија“, наведуваат од Комитетот во септемврискиот извештај.

Од Хелсиншки се загрижени за сегрегацијата на Ромите во образованието, бидејќи им било оневозможено да се запишат во одредени училишта, при што посочуваат дека најчесто вакви случаи имало во Битола.  Комитетот укажува и на ограничување на основни слободи и права и нивна неефикасна заштита, особено во делот на слободата на движење на Ромите, непоседувањето на лични документи, како и на  состојбата со децата Роми на улица.

Комитетот посочува и дека во Македонија не се истражува прекумерната употреба на сила од полициски службеници, иако кон крајот на месец септември, Европскиот суд за човекови права одлучи дека удирањето шлаканица од страна на полициски службеник претставува повреда на заштитата од тортура. Според оваа одлука, било која примена на физичка сила од страна на полициски службеници, која не била строго неопходна, го повредува човековото достоинство.

„Сметаме дека ваквата одлука е особено важна и за Република Македонија, доколку се земат предвид големиот број на пријави за прекумерна употреба на сила и деградирачки третман од страна на полициски службеници“, велат од Комитетот.

Според нив, досегашната пракса покажува дека обвинителството не истражува случаи на тортура, особено кога се работи за полициски службеници. Од овие причини, препорачуваат полициските службеници да ги почитуваат уставно загарантираните права на луѓето, а обвинителството да ги почитува ставовите и праксата на Европскиот суд за човекови права и ефективно да истражува пријави за тортура и деградирачки третман од страна на полициски службеници.