Хелсиншки комитет: Работниците кои се ослободени од работни обврски имаат право на целосна плата

Од Хелсиншкиот комитет истакнуваат дека работниците кои се ослободени од работни обврски имаат право на целосна плата. Оттаму известуваат дека согласно владините мерки, хронично болните, родителите на деца до 10 годишна возраст и бремените работнички се соочуваат со намалени плати, а некои од нив воопшто не се ослободени од работните обврски.

„Во текот на месец мај, кај нас се обрати група на работнички кои спаѓаат во категоријата на хронично болни лица, поради прекршување на работничките права за време на вонредната состојба. На овие работнички за периодот додека се ослободени од работни обврски им ја намалиле платата, односно им исплатиле плата во износ од 70%. Ваквото намалување на платите на работничките кои објективно не можат да ги извршуваат работните обврски е незаконито, влијае врз нивната и егзистенцијата на нивните семејства и претставува злоупотреба на вонредната состојбата предизвикана од пандемијата“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму известуваат дека случајот го пријавиле во Државниот инспекторат за труд (ДИТ), кој по спроведениот вонреден инспекциски надзор кај работодавачот утврдил прекршување на правата на работниците.

„Работодавачот постапи по насоките дадени од страна на ДИТ, ги отстрани неправилностите и им исплати плата на хронично болните работници во износ од 100%“, нагласуваат тие.

 Доколку се соочите со повреди на вашите работнички права пријавете во Државниот инспекторат за труд на 02 3 116 110 или на бул. Партизански одреди број 48А. Во случај да не сте сигурни дали станува збор за прекршување, контактирајте ја линијата за бесплатна правна помош на телефонските броеви 02 3119 073 и 072 278 436.