Хелсиншки комитет: Незаконски е реизбран претседателот на Советот на јавни обвинители

Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека на 22 септември 2016 година, за време на седница на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, на тајно гласање, Петар Аневски повторно повторно беше избран за претседател на Советот. Согласно Член 8 став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители, укажуваат од Хелсиншки, мандатот на претседателот на Советот трае две години, без право на повторен избор.

„Повторниот избор на г. Аневски претставува сериозна повреда на начелото на законитост. Ваквата одлука ја доведува во прашање компетентноста, независноста и непристрасноста на членовите на Советот како и неговата основна функција да ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција. Особено одговорен за ваквото незаконско постапување е самиот г. Аневски кој ја свикал и раководел со седницата за време на која и покрај тоа што не смеел се кандидирал за претседател“, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Комитетот ги повикува членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, во согласност со Член 10 став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители, да закажат итна седница на која ќе ја преиспитаат својата, како што велат, незаконска одлука.