Хелсиншкиот комитет остро реагира на злоупотребата на учениците од средните училишта за политички цели. Оттаму информираат дека во изминатата недела регистрирале два случаи каде ученици на средни училишта се повикуваат на протест, а со цел наводна одбрана на државните и националните интереси.
Како што велат од Комитетот, особено загрижувачки е последниот случај во средното училиште „Мирче Ацев“ од Прилеп, каде директорот на училиштето, надвор од службените овластувања, држи политички говор за наводна одбрана на македонскиот јазик и унитарноста на државата.
„Во оваа насока, би сакале да потенцираме дека согласно Законот за средно образование забрането е секакво политичко организирање и дејствување, како и дискриминација по основ на национално потекло и политичко уверување.
Подгревањето на националните страсти од страна на носители на јавни функции, како што се директорите на училиштата, може да доведе до разгорување на национална и етничка нетрпеливост во поголеми размери. Со ваквото незаконско дејствување на директорите, осоновано може да се констатира дека се исполнуваат битијата на кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, стои во реакцијата на Хелсиншки комитет.
Тие информираат дека ќе поднесат претставки до Државниот образовен инспекторат и Народниот правобранител, со цел да утврдат незаконито постапување на страната на директорот на средното училиште „Мирче Ацев“ од Прилеп и да иницираат соодветни постапки за негово санкционирање.