Хелсиншки комитет бара итно ослободување на активистите за човекови права во Турција

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија најостро го осудува приведувањето на директорката на „Амнести Интернешнaл“ Турција, Идил Есер и 11 други активисти кои во текот на вчерашниот ден во хотел на островот Бујукада се лишени од слобода без никаква основа или инкриминирачки факти.

Во моментот на приведувањeто, групата одржувала работилница за дигитална безбедност и менаџирање со информации.

Според Амнести Интернешнaл, меѓу притворените се и Илкнур Уштун од Коалицијата на Жени, Ѓунал Куршун и Вели Аку од Асоцијацијата Агенда за човекови права, Налан Еркем, адвокат, Озлем Далкиран од Хелсиншкото граѓанско собрание, Неџат Таштан од Асоцијацијата за еднакви права, двајца странски обучувачи, еден државјанин на Германија, еден на Шведска, како и сопственикот на хотелот.

„На притворените не им бил овозможен контакт со адвокат во првите 24 часа, што полицијата има право да го стори, но не им бил овозможен контакт со семејствата, што е незаконски и мора да им биде овозможено веднаш“, велат од Хелсиншки комитет.

Ваквиот потег на турските власти го оценуваат како груба злоупотреба на моќ и истиот претставува слика за моменталните состојби со кои се справуваат активистите за човекови права во Турција.

„Бараме итно ослободување на активистите и истовремено упатуваме апел до еврокомесарот Јоханес Хан кој денеска е во посета на Турција каде од турските власти бара почитување на владеењето на правото да го осуди овој настан и да побара итно ослободување на активистите. Исто така овој апел го испраќаме и до претставниците на земјите учеснички на Г20 самитот кој ќе започне утре во Хамбург каде ќе биде претставена и Турција на највисоко ниво, од страна на претседателот Таип Ердоган.

Турските граѓани бараат и заслужуваат да живеат во демократско, плуралистичко и слободно општество. Хелсиншкиот комитет секогаш ќе ги поддржува борците за човекови права од сите земји и нема да остане нем на нападите на граѓанското општество во Турција кои се случуваат веќе подолг период“, стои во реакцијата на Хелсиншки комитет за човекови права.