Хелсиншки комитет: 40-часовната работна недела и слободниот викенд сè уште претставуваат недостижни желби

Во последните шест месеци Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрирал 214 пријави кои опфаќале 3.432 работнички и работници.

„Повеќе од 461 работник останаа без работа, а на приближно 696 работници им била намалена платата или, пак, воопшто не им била исплатена. Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без плата за најголем дел од работниците значи ризик за нивната гола егзистенција и затоа се потребни солидарноста и заедништвото“, истакнаа од Хелсиншкиот комитет за човекови права во своето соопштение.

Тие порачуваат дека разединетото синдикално организирање во најбрз можен рок треба да ги консолидира своите разлики и да обезбеди соодветна репрезентација на околу 800.000 работнички и работници во државава кои претежно живеат од наемен труд.

„Слики, како оние од минатогодишниот Први мај кога општите синдикати организираа три посебни протестни марша, само ја влошуваат преговарачката позиција на работниците и посочуваат на формалноста на синдикалното здружување, за сметка на суштинските потреби и проблеми. Од тие причини, апсолутно е неопходно да се редизајнира борбата за работнички права и да се создадат услови за поефикасно дејствување во процесот на обезбедување социјална правда“, се вели во соопштението.

Хелсиншкиот комитет нагласува дека работниците биле први на удар по прогласувањето на вонредната состојба на територијата на целата држава поради справувањето со последиците од коронавирусот, па поради тоа, тие ги реафирмираат здружените барања до Владата на повеќе синдикати и граѓански организации кои досега не наишле на соодветен одговор од страна на институциите.

Мораториум на сите откажувања на договорите за вработување од страна на работодавачите (деловни причини) и на сите намалувања на платите во периодот додека трае вонредната состојба

Право на паричен надоместок за невработени лица да можат да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Ова од причина што многу работници изминатиов период беа измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин.

Да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризава, односно од почетокот на март. Многу фирми кои отпуштија работници во изминативе недели, според сегашното решение, можат да добијат државна помош и покрај отпуштањата.

Да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери и слични видови работници), кои се најнесигурната категорија и немаат речиси никакво социјално и здравствено осигурување. Овие работници, по примерот на самостојните уметници и спортистите, треба да добиваат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од најмалку 14.500,00 денари.

Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на кредитно-задолжените.

Државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници во изминатиот период.

Оттаму изјаснуваат дека борбата за заштита и унапредување на работничките права продолжува и Први мај останува да биде годишно изразување на овие барања за никогаш повеќе да не се одлучува за судбината, правата и обврските на работниците, без работниците, додавајќи дека денес, 134 години подоцна, за многумина работници 40-часовната работна недела и слободниот викенд сè уште претставуваат недостижни желби.