Хелсиншки: Државата ги дискриминира Ромите како никогаш претходно

По повод одбележувањето на меѓународниот ден на Ромите, 8-ми април, Хелсиншкиот комитет преку соопштение потсети на потребата за афирмирање на економските и социјалните проблеми со кои се соочува ромската заедница во земјата.

Од Комитетот истакнуваат дека состојбата со Ромите во Република Македонија никогаш не била полоша, со оглед на, како што велат, масовната дискриминација која се случува на граничните премини на нашата држава од страна на Министерството за внатрешни работи кон оваа етничка заедница, но и дискриминацијата во образовниот систем.

„Се уште опстојува децениската сегрегација на децата Роми во образовниот процес, кои посетуваат училишта за деца со интелектуална попреченост, наместо да бидат вклучени во редовното образование“, се вели во соопштението.

Хелсиншкиот комитет смета дека веќе подолг временски период во јавноста се известува за прекршувањето на уставно загарантираното право на Ромите да ја напуштат државата, при што врз нив се врши расно профилирање од страна на полициските службеници.

„Ромите како никогаш претходно се деградирани, понижувани и дискриминирани, но не само на граничните премини, туку и при пристапот до социјална и здравствена заштита, до основни услови за домување и живеење, но и до правото со стекнување со државјанство и лични документи“, велат од Комитетот.

Оттаму констатираат дека особено загрижуваат објавените разговори во јавноста од високи државни функционери кои Ромите ги нарекуваат „Цигани„ и посочуваат на злоупотреба на Ромите и нивните избирачки права за време на изборните процеси.

„Во оваа насока сакаме да потсетиме на обврската на власта за почитување на Уставот на Република Македонија во кој темелна вредност е почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдено со Уставот, во кој е наведено дека граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од нивната боја на кожа и социјално потекло, а мораниот интегритет на човекот е неприкосновен. Европската конвенција за заштита на човековите права, како дел од нашата правна рамка, исто така забранува дискриминација по основ на боја на кожа и етничка припадност, поради што државата мора да обезбеди еднакво уживање на правата утврдени во Конвенцијата за сите граѓани“, забележуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од Комитетот ги охрабруваат припадниците на ромската заедница да продолжат да се борат за нивните права како и за подобрување на нивниот социјален статус и интеграција во општество.

Денеска пак, со цел да се прослави ромскиот идентитет, Здружението за јакнење и организирање на ромската заедница „Романо Авази“, организираше протестен марш. Првично, требаше да заврши пред Владата, но како што соопштија организаторите, поради закани, рутата беше променета, па маршот заврши пред канцеларијата на оваа ромска заедица.