Хаштаг акција за вдомување бездомни животни

Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ од Скопје започнa масовна хаштаг акција за вдомување на бездомните животни од Македонија.

Оние кои подаруваат животно треба да го фотографираат животното и фотографијата да ја закачат на својот профил или на профилот на некое од Здруженијата за заштита на животни во РМ со #VdomiKuce #adoptadog за куче, или #VdomiMace #adoptacat ако подаруваат мачка.

Оние пак кои бараат животно на подарок со впишување на соодветниот хаштаг во полето за пребарување на Фејсбук или во кој било пребарувач на интернет ќе можат да ги погледнат сите животни кои се моментално огласени за вдомување.

Од здружението сметаат дека на овој начин значително ќе се олесни комуникацијата помеѓу вдомувачот и вдомителот, што ќе влијае на зголемување на бројот на вдомени животинки.

Хаштаг акција за вдомување бездомни животни

„Бројот на бездомни животни во Македонија е постојано во пораст. Оваа пролет како и секоја ќе ни донесе многу новородени кутриња и мачиња кои доколку не се тргнат од улиците најчесто завршуваат под нечие тркало. Стационарите за животни не се трајно, ниту хумано решение – на овие животни им е потребен дом. Во последно време активистите за заштита на животните во Македонија се борат и со незаконското расфрлање отрови низ градовите, отрови кои веќе земаа многу жртви.
Како обид да се вдомат што поголем број на животни, ние повикуваме да се искористат социјалните медиуми како моќна алатка на денешницата“, укажуваат од ЕДЕН.