Харви Вајнштајн прогласен за виновен за силување и сексуален напад

Поранешниот холивудски продуцент Харви Вајнштајн, човекот поради кој се формираше движењето #MeToo е прогласен за виновен за сексуален напад и силување, пренесува „Би-Би-Си“.

Тој е прогласен за виновен по две обвиненија, за силување од трет степен и кривично дело за сексуален чин од прв степен. Но, тој е ослободен од најсериозните обвиненија против него, за сексуален напад и силување од прв степен.

Вајнштајн и понатаму се соочува со обвиненија за силување и сексуално злоставување на две жени во 2013 година во Лос Анџелес. Тој се изјасни дека не е виновен за сексуално злоставување на поранешната асистентка на продукција Мими Халеј и за силување на актерката Џесика Ман.

Скандалот се разви во октомври 2017 година, кога „Њујорк Тајмс“ објави приказна со која се обвинува Вајнштајн за сексуално вознемирување. Актерките Роуз Мекгован и Ешли Џад беа меѓу првите кои проговорија за ова.

Обвинувањата се однесувале и на тоа што тој ги принудувал жените да го масираат и да го гледаат гол. Тој, наводно, им ветил на жените дека ќе им помогне во нивните кариери во замена за сексуални услуги. Продуцентот се извини, велејќи дека „знаел дека нанел многу болка“, но негираше дека сексуално ги вознемирувал соработничките повеќе од три децении.

Обвинувањата кон Вајнштајн доведоа до формирање на движењето #MeToo на кое се приклучија стотина жени кои сведочат дека биле сексуално вознемирувани и малтретирани од влијателни мажи од светот на бизнисот, политиката и забавата.