Харвард евакуиран поради лажна закана од бомба, македонските студенти безбедни

 Четири згради во кампусот на Универзитетот Харвард, во близина на Бостон попладнево беа евакуирани поради закана од бомба, објави универзитетот на својата официјална веб страница. По три часа истрага , не е потврден сомнежот дека заканата е основана. Студентите по пауза од неколку часа се вратени на настава, вели за Радио МОФ, Филип Бујароски Бујо, кој веќе втора година е на студии на Харвард.

„Во 12:35 по локално време почна евакуацијата, ги затворија сите згради, имаше многу полиција, локална и федерална. Не известија преку аларм системот. Јас бев на час по математика кога алармот почна да свири и сите помисливме дека е вежба. Сепак на разгласот ни кажаа дека не се работи за вежба и дека мора  да се евакуираме. Набрзо го затворија центарот на Харвард, Harvard Yard, додека ги пребаруваа зградите. Цело време ние всушност добивавме ажурирани информации за состојбата преку мејл“, појаснува Бујо.

Тој додава дека слична ваква закана имало и пред две години, но тогаш се се утврдило дека студент кој не бил подготвен за испит ја пуштил заканата. Вели дека на Харвард студираат уште две негови колешки од Македонија и сите се безбедни и се вратиле на редовната настава.

Сепак, како појаснува заменичката на претседателот на Харвард, Кејти Лап во соопштението на студентите и вработените, нивото на сигурност е подигнато поради случувањата во Бејрут и Париз.

„ Денеска примивме закана за бомба која се уште не е потврдена заради што моравме да евакуираме четири згради, меѓу кои и зградата каде што се сместени студентите. Полицијата го пребарува теренот, но досега не е пронајдено ништо. Заради сигурност, а во контекс на неодамнешните трагични случувања во Париз, Бејрут и на други места, јасно ни е дека ваква закана може да предизивика страв во кампусот. Ќе објавиме нови инфомации во моментот кога тие ќе бидат достапни,“ беше објавено на сајтот на Харвард.