Хартиена батерија на вода може да го намали влијанието на електрониката за една употреба врз животната средина

Тим истражувачи од Швајцарски федерални лаборатории за наука и технологија на материјали (ЕМПА) создаде хартиена батерија со прекинувач за вода што може да се користи за напојување на електроника за еднократна употреба, јавува Евроњуз.

Батеријата беше тестирана, односно две такви хартиени батерии беа прикачени на дигитален дисплеј од часовник – будилник.

По активирањето што се извршило со додавање на две капки вода, дисплејот почнал да работи, односно батериите го напојувале константно во период од еден час се додека не почнале да се сушат. Хартиениот извор на енергија достигнал максимална волтажа од 1.2 волти споредбено со 1.5 волти што достигнува стандардната батерија од типот АА.

Откако ќе се направат некои исправки во развојот на батеријата, истражувачите сметаат дека може да се користи како паметна етикета за следење на предмети, на пример пакети. Сепак, дури и без некакви измени за да се спречи сушењето на прекинувачот за вода, истиот би можел да се користи за откривање на влага.

Научниците сметаат дека поради тоа што водата и цинкот се биоразградливи, хартиената батерија може да помогне да се намали влијанието на електрониката за еднократна употреба врз животната средина.

„Тоа што е посебно за нашата нова батерија е што за разлика од многу метални батерии кои користат метална фолија што се троши постепено како што се троши самата батерија, е тоа што ние додаваме само толку количество цинк во мастилото колку всушност ѝ е потребно на батеријата“, изјави ко-авторот на студијата, Густав Нистром.

За да ја направи батеријата, тимот научници искористил лента хартија што откако била потопена во вода со сол била оставена да се исуши. Потоа, мастило што содржи графитни снегулки било испечатено на едната страна од лентата за да се направи позитивниот приклучок, а на другата страна за да го направат негативниот приклучок искористиле цинк, што всушност е прв пат да се искористи цинк за оваа намена.

Потоа двете страни од хартијата биле испечатени со графитни снегулки и саѓи за да се поврзе позитивната и негативната страна, односно позитивниот и негативниот приклучок.

Кога се додава вода, солта се раствора и ослободува наелектризирани јони. На негативнио терминал овие јони прават контакт со цинкот и предизвикуваат тој да оксидира, а со тоа испушта електрони.

Кога електричен уред е поврзан со батеријата од хартија се комплетира колото, што значи дека електроните може слободно да се движат низ батеријата од позитивниот до негативниот приклучок. Тука тие се испуштаат во воздухот. Целиот процес овозможува да се генерира електрична енергија што ќе се користи за напојување на електричен уред.