„Хармонија мунди“ – мултимедијален настан на Македонската филхармонија

Oвој петок, на 12 октомври  во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи симфонискиот концерт „Хармонија мунди“, кој ќе претстави уникатен мултимедијален перформанс. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков, ќе бидат изведени „Планети“ од Густав Холст, кои ќе доживеат и видео-анимација, дело на Милчо Узунов од „3Д“ студио.

Грандиозното дело на англискиот композитор, ќе биде изведено на сцената на Македонската филхармонија по подолга пауза, а за првпат доживува и видео придружба која ќе ги збогати сетилата. Во изведбата на „Планети“ ќе учествува и хорот „ПроАрс“ подготвен од диригентот Сашо Татарчевски.

Солист на концертот „Хармонија мунди“ е врвниот македонски контрабасист Ѓорѓи Цинциевски, кој ќе го изведе Концертот за контрабас и оркестар од Емил Табаков, а вечерта ќе биде изведено уште едно негово дело – „Астрална музика“.

Контрабасистот Ѓорѓи Цинциевски се образува на престижната висока музичка школа „Royal Northern College of Music“ во Манчестер, Велика Британија, а неговите солистички настапи се високо оценети од критиката која го опишува како „музичар со одлични технички способности, со карактеристичен личен музички израз и силна експресивност“.