Хан по средбата со Џафери: Непречена работа на Собрание, воздржување од провокации, формирање Влада

По средбата во Брисел на Јоханес Хан со спикерот на парламентот Талат Џафери, Европската комисија испрати соопштение во кое се вели дека еврокомесарот ја повторил силната осуда за намерните напади врз пратеници и новинари во Собранието.

Хан предупредил за загрозување на европската перспектива на Македонија ако се повторат такви сериозни акти, а притоа изразил подготвеност да соработува со новиот претседател на Собранието на европска реформска агенда.

„На Парламентот мора да му се овозможи непречено да работи. Сите пратеници, вклучувајќи ја и опозицијата, се очекува да имаат конструктивна, а не опструктивна улога, а сите актери мора да се воздржат од провокативни изјави и активности. Парламентот мора да биде форум за дебата за сериозните предизвици со кои се соочува земјата и да обезбеди неопходни гаранции за напредок во интерес на сите граѓани и заедници“, стои во соопштението од Европската комисија (ЕК).

Исто така, во соопштението се додава дека еврокомесарот повикал сега фокусот да биде на наредните чекори во процесот на формирање влада, со почитување на парламентарното мнозинство и во согласност со Уставот и демократските принципи.