Германскиот град Хамбург ги продава малечките монтажни бараки кои беа користени за сместување на бегалци откако бројката на пристигнувања значително опадна.
„Поранешн домови за бегалци, користени, добро сочувани, од солидна дрвена конструкција“, напиша во твит градската служба за бегалци заедно со линк до eBay страницата на која се огласени бараките.
Минималната цена за една од 50-те огласени дрвени бараки, со површина од 28 квадратни метри, била 1.000 евра. Во огласот е наведено дека бараките можат да се пренаменат во студио за јога, работилница или куќа за гости. Интересот за огласот бил толку висок што огласот бил повлечен по само два дена.
„Поради високиот интерес го стопиравме огласот. Сите заинтересирани, кои во меѓувреме не контактираа, ќе добијат одговор. Сепак, може да биде потребно одредено време, ви благодариме на разбирањето“, додаваат од службата за бегалци.
Hinweis: Wegen der großen Nachfrage haben wir die Anzeige deaktiviert. Alle Interessenten – die uns zwischenzeitlich kontaktiert haben – werden Antwort erhalten. Dies kann allerdings etwas Zeit in Anspruch nehmen. Vielen Dank für Ihr Verständnis! https://t.co/4vvNJ4Vgbz
— ZKF Hamburg (@ZKFHamburg) August 16, 2018
Сепак постои и еден услов. Купувачите ќе мораат да добијат дозвола за градба и ќе мора да го преместат објектот од местото каде е лоцирана во моментов на нивен трошок.
Монтажните бараки, кои беа набавени пред три години при пикот на бегалската криза, се продаваат поради тоа што бројот на нови пристигнувања на бегалци е многу намален. Во 2015 година во Германија пристигнаа околу 890.000 баратели на азил. Минатата година имаше околу 187.000 такви случаи според податоците на Службата за мигранти и бегалци.