Хакирани сајтовите на министерствата за образование и здравство

Црна позадина со текст и слика од „Анонимуси“ се појави вечерва на сајтот на Министерството за образование и наука и на Министерството за здравство. Во моментов и двата сајтови се недостапни и воопшто не може да се отворат.

Одговорноста за хакерскиот напад ја презема групата која стои зад профилот ANONOPSMKD, а која призна дека е одговорна за паѓањето на страницата на Тајм.мк, најголемиот македонски агрегатор за вести, во средата, додека сите медиуми ги пренесуваа вестите од резултатите од десеттите парламентарни избори.

Истата вечер хакнат беше и сајтот на Државната изборна комисија, но во интервју за ИТ.мк, ANONOPSMKD изјави дека не стои зад овој напад. Во истото интервју, објавено синоќа, тој најави дека хакерскиот напад над агрегаторот за вести е само почеток на она што следува.

Инаку, сајтот на МОН не работеше и во текот на оваа сабота, но оттаму за Радио МОФ тврдеа дека не се работи за никаков хакерски напад, туку технички проблем со серверот.