Хакерскиот напад е како кражба на ракети Томахавк, смета претседателот на Мајкрософт

Огромниот „рансомвер“ хакерски напад, кој предизвика штета викендов инфицирајќи компјутери низ целиот свет, треба да претставува повик за будење на властите, смета претседателот на Мајкрософт.

Светските експерти по безбедност се мачат да откријат кој стои зад нападот кој зафати преку 200 илјади компјутери и затвори фабрики, болници и училишта поради хакерски софтвер за кој се верува дека е украден од американската Националната безбедносна агенција.

Агенцијата на европските полициски сили – Европол, соопшти дека заканата расте и предвидуваат дека бројот на „рансомвер“ жртви најверојатно ќе се зголеми во јавниот и приватниот сектор со враќањето на луѓето на работа денес.

Бред Смит, претседателот на Мајкрософт и главниот правник во компанијата, вчера напиша дека нападот е последен пример зошто складирањето на ранливостите на компјутерскиот софтвер од властите е голем проблем. Windows XP, стариот софтвер на компанијата, беше еден од оперативните системи кој беше погоден во хакерскиот напад.

„Светските власти треба да ги третираат овие напади како повик за будење. Потребно е властите да ги имаат во предвид штетите кои можат да се нанесат на граѓаните од овие таложења на ранливости на софтверот. Доколку се направи споредба со конвенционално оружје, тоа би било исто како од американската војска да се украдат Томахавк ракети“, напиша Смит во блог објава.

Сајбер безбедносните експерти велат дека ширењето на вирусот, наречен „WannaCry“, се намалил, но, дека тоа може да е само краткотрајно стравувајќи од голем број нови случаи, со нови верзии на вирусот, во понеделник кога вработените се враќаат на работа.

„Нападот е голем проблем, но прерано е да се каже колку целиот напад ќе чини, бидејќи се уште не го знаеме обемот на нападите“, изјавил американскиот безбедносен експерт Марк Ветерфорд.

Првите сомнежи се дека оваа хакерска алатка била развиена од Националната безбедносна агенција на САД, која протече на интернет во април и била искористена како катализатор за „рансомвер“ нападот.

Првичниот напад изгубил на интензитет доцна во петокот, откако безбедносен истражувач случајно ја презел контролата на серверот кој бил поврзан со ширењето на вирусот, што го спречило брзото ширење низ заразените мрежи.

Опфатените компјутери од хакерскиот напад, во најголемиот број случаи се стари уреди кои сопствениците сметале дека не вредат да се надградуваат, а во некои случаи и компјутери кои се користеле во функционирање на болници кои биле премногу тешко да се надградат без да се прекинат некои клучни функции, велат безбедносни експерти.

Директорот на Европол вчера изјави дека сајбер нападот погодил 200 илјади жртви во најмалку 150 држави во светот и дека бројката може да се зголеми дополнително.