Хакерски напад на лични податоци на стотици германски политичари

Германската канцеларка Ангела Меркел и други политичари беа мета на хакерски напад. На Твитер протекоа нивни преписки, контакти и белешки.

Германското тело за дигитално одбрана го истражува наводниот протек на податоци во кој се наведуваат податоци од стотици политичари на интернет, објави портпарол на Федералната канцеларија за безбедност на информатичката технологија (БСИ).

Од хакерскиот напад се погодени сите германски политички партии кои моментално се застапени во сојузниот парламент, освен екстремно десничарската Алтернатива за Германија. Политичарите на државно ниво исто така беа погодени.

Меѓу нив се канцеларката Ангела Меркел и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

Хакерите го објавија бројот на факсот на Меркел, нејзиниот е-мејл и неколку писма напишани од неа и упатени до неа.

Според првичниот преглед на документите не се откриени чувствителни информации. Сепак, податоците објавени на Твитер вклучуваат броеви на мобилни телефони, информации за контакт и детали за кредитни картички од членовите на најголемите партии во Германија. Во нив, исто така, се вклучени и банкарски и финансиски детали, лични карти и приватни разговори.