Хакери ја срушиле ултрадесничарската интернет страница за поткажување „левичарски“ наставници во Германија

Интернет страницата на ултра десничарскиот политичар Штефан Репле од Алтернатива за Германија (АФД), преку која учениците можат да ги пријават наставниците за кои ќе проценат дека изразуваат претерани левичарски политички ставови, по покренувањето била цел на хакерски напад, велат од партијата.

„Нашата интернет-страница беше мета на хакерски напад“, стои во пораката на политичарот која ја претставува АФД во регионалниот парламент на германската покраина Баден-Виртемберг, додавајќи дека наскоро страницата ќе проработи повторно.

Од Ројтерс посочуваат дека не успеале да потврдат дали сајтот бил цел на хакери и кој стои зад нападот.

Заменик-лидерот на АФД, Георг Паздерски, изнесе тврдење дека таква веб страница е неопходна, бидејќи учениците во многу училишта биле изложени на „еднострано левичарско-зелено гледање на светот“.

Германската министерка за правда Катарина Барли тактиката на поткажување ја оцени како „оружје на диктатор“, виден своевремено во Источна Германија и во времето на нацизмот.

Оваа тактика со интернет-страници ја користат и други ултрадесничарски политичари за привлекување внимание во јавноста. Холандскиот политичар Герт Вилдерс, познат по неговите антимиграциски ставови, предизвикал гнев во јавноста повикувајќи ги своите сонародници да ги поткажуваат „непријатните” имигранти, на кои ќе наидат во своите квартови. Неговата интернет-страница, иако со краток век, драматично ја зголеми неговата препознатливост во Холандија и меѓународно.