Хакери ја читале дипломатската комуникација на Европската Унија

Хакери успешно ја пресретнувале дипломатската комуникација на Европската Унија во период од три години, имајќи пристап до илјадници пораки во кои дипломатите комуницирале на најразлични теми, од Доналд Трамп до глобалната економија, објави Њујорк Тајмс.

Претставници на ЕУ велат дека информациите кои биле означени како „доверливи“ и „тајни“ не биле подложни на хакерскиот упад, кој го открила компанијата за сајбер-безбедност „Ареа 1“.

Еден од експертите изјавил за американскиот весник дека методите со кои се служеле хакерите биле многу слични на оние кои ги користи кинеската војска.

„По една деценија искуство во проучување на кинеските сајбер-операции нема сомнежи дека оваа кампања е поврзана со кинеската власт“, рекол тој за Њујорк Тајмс.

Пресретнатите пораки, познати како дипломатски депеши, откриваат една преписка во која дипломати го опишуваат состанокот на американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин како „успешен“, (барем за Путин). Во друга порака има детали за приватната средба на кинескиот претседател Шји Џјинпинг и високи претставници на ЕУ оваа година.

Според новинската сторија под хакерски напад биле и други институции, меѓу кои и Обединетите Нации.