Хакатон за студенти и Саем за вселенска индустрија во Скопје

Од денес до 23 октомври, во Скопје се одржува првата Конвенција за вселенската индустрија во регионот на Југоисточна Европа.

Настанот се состои од 3 главни содржини: Хакатон за студенти од денес до 20-ти октомври и Конференција и Саем за индустрија од 21-ви до 23-ти октомври 2019 година.

На Хакатонот, учесниците ќе решаваат глобални проблеми со помош на нови технологии, а во кој како ментори и судии ќе се вклучат и дел од експертите гости од странство, како и домашни експерти од Нетцетера, Веб Фактори, Оне Инсајд, Symphony Solutions, Природно Научниот Музеј и други.

Покрај ова, над 30 претставници на компании од САД, Канада, Западна Европа (Холандија, Франција, Германија, Италија, Унгарија, Австрија) и Азија (Јужна Кореја и Хонг Конг) кои се добавувачи на вселенската индустрија ќе се сретнат во Скопје со компании од македонската индустрија, со цел да презентираат на кој начин компаниите од реалниот сектор и од помалите земји можат да се вклучат во оваа високопрофитабилна индустрија, како и да идентификуваат потенцијални партнери и соработници, и да се запознаат со капацитетот на домашните таленти.

Меѓу учесниците на Конвенцијата се претставници на NASA, Planet, Airbus Defence and Space, Azimut Space, Thales, Sapienza Consulting, Tachyon Aerospace, Contec, SkyLabs и други.

Конференцискиот дел од Конвенцијата како и Саемот за индустрија ќе се случуваат во хотелот „Александар Палас“, и се наменети за компании од информациски и комуникациски технологии, автоматика, роботика, маметни материјали, текстил, медицина, обновливи извори на енергија, агрономија.

Организатори на настанот се ЊуМенс Бизнис Акцелератор, во соработка со свои соработници и партнери од едни од најголемите вселенски агенции, како Брус Питман – Главниот стратег во NASA Space Portal – одговорен за соработка со приватниот сектор.