Хакан Шуќур избришан од историјата на турскиот фудбал

Фудбалскиот сојуз на Турција и Галатасарај, под притисок на власта на Ердоган, морале да го избришат најдобриот фудбалски стрелец во историјата на земјата од сите официјални документи.

Турската фудбалска федерација ги отстрани сите документи и материјали кои се поврзани со поранешниот фудбалски репрезентативец на државата, Хакан Шуќур, за кого после обидот за државен удар во државата е распишана и потерница и налог за апсење.

„Како што дознава новинар од вработен во ТФФ, отстранети се сите фотографии од Шуќур во комплексот на националната репрезентација, „Хасан Доган“ во Истанбул. Исто така, во музејот каде се изложени фотографиите од сите репрезентативци на турскиот национален тим, повеќе нема ниту една фотографија од него“, пренесуваат медиумите.

На притисоците од врвот на власта морал да се покори и Галатасарај, кој покрена постапка за исфрлање на своите легенди од клубот. Шуќур одиграл 392 натпревари за Галата, а има дадено 228 голови, што го прави најважниот фудбалер во историјата на најпопуларниот турски клуб.

Името на Шуќур е отстрането и од плочник во Едрене.

„Градот Едрене, кој се наоѓа на западот на Турција, во 2012 година започна проект со кој во центарот на градот изгради плочник на кој се запишани имињата на најдобрите играчи на четирите големи турски клубови – Галатасарај, Фенербахче, Бешикташ и Трабзонспор. На плочникот се наоѓаше и името на Шуќур, но по одлука на Градот Едрене, во средата беше отстрането“, пишува Ал Џазира Балканс.

Турските власти во налогот за апсење на поранешниот репрезентативец навеле дека се товари за „членство во вооружена терористичка организација“. Шуќур, кој ја напуштил Турција минатата година, играше за неколку европски клубови и беше најдобар стрелец на турската репрезентација во меѓународните натпревари.