ХАЕ Караван во седум градови низ Македонија

Во периодот од 18 октомври до крајот на ноември, Здружението на пациенти ХАЕ Македонија ќе реализира едукативен ХАЕ Караван во седум градови низ Македонија: Штип, Кочани, Струмица, Тетово, Крушево, Охрид и Битола.

ХАЕ Караван во седум градови низ Македонија

Целта на оваа иницијатива на здружението е поинтензивно запознавање на лекарите од примарната здравствена заштита преку нивна едукација за да може да ја препознаат ретката болест ХАЕ кај потенцијалните пациенти, како и начините на кои може да им се помогне на пациентите. Таргетирани се поголеми градови во кои има или се близу до клинички центри (Штип, Тетово, Битола, Кочани и Струмица), како и туристичките центри (Охрид и Крушево), во кои е можно пациентите со ХАЕ да престојуваат и да имаат потреба од лекари кои се добро информирани и едуцирани за нивната состојба.

Предавањата за ХАЕ се очекува да помогнат во зголемување на јавната свест за болеста, како и идентификување на потенцијални нови пациенти, со што би се овозможило и нивно вмрежување во здружението со цел лобирање за обезбедување достапни лекови за болеста и во Македонија.

ХАЕ Караванот почнува во Штип на 18 октомври 2014 година во соработка со Медицинскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев, а ќе се реализира на Факултетот за образовни науки во предавална 1, со почеток во 12.30 часот.

Предавањата ги реализира проф. Д-р Весна Гривчева – Пановска од Клиниката за дерматовенерологија и алергологија во Скопје, која долго време се интересира за ова ретко заболување и остварува професионален третман со пациентите заболени од ХАЕ во Македонија. Предавањата се акредитирани од лекарската комора во Македонија.

Повеќе информации за ХАЕ може да најдете на брошурата и постерот направени за едуцирање на јавноста за ова ретко заболување.