Гувернерот на Токио даде оставка поради прекумерно трошење државни пари

Јоичи Масузое, гувернерот на Токио, денес се повлече од функцијата поради обвинувањата дека користел државни финансии за да плати за одмори, уметнички дела и стрипови за своите деца.

Во средата требаше да се гласа за доверба на Масузое во Градското собрание на јапонскиот главен град, но гувернерот се повлече пред гласањето.

Скандалот, на кој се гледа како закана и срам за градот-домаќин на Олимписките игри во 2020 година, пишува ВВС, се случи пред изборите за претставници во Горниот дом.

Во април беше објавено дека Масузое го користел службениот автомобил за да отпатува до својата викендица јужно од Токио. Потоа беше обвинуван дека користел државни пари повеќе од дозволеното на службени патувања, се сместувал во скапи спа центри, а трошел средства и за скапи семејни патувања и облека.

Тој тврди дека многу од предметите, меѓу кои и кинески свилени кошули, биле потребни и поврзани со работата. Најпрво тврдел дека резервациите за сместување ги правеле неговите асистенти и дека неговиот сметководител можеби ненамерно пресметал некои лични трошоци како службени.

Гувернерот подоцна рекол дека ќе ги врати парите кои признал дека биле погрешно потрошени, и ветил дека ќе го намали трошењето.

Неговиот претходник, Наоки Иносе, исто така даде отказ поради скандал за финансирање во 2013 година, кратко откако Токио ја доби титулата на домаќин на Олимпијадата во 2020 година.