Гутереш: Само една третина од обврските во Парискиот договор за климатски промени се исполнети

„Климатските промени се дефинитивно прашање на нашето време – и ние сме во дефинирачки момент”, рече генералниот секретар во неформалниот лидерски дијалог за климатски промени, што се одржа на маргините на годишната дебата на Генералното собрание на Обединетите Нации.

„[…] имаме многу приоритети во ОН – мир и безбедност, човекови права и развој – но би рекол дека ова е апсолутниот приоритет”.

„Доколку сегашното ниво на испуштање на штетни гасови не се намали до 2020 година, нема да успееме да го запреме глобалното затоплување и да го задржиме под 1,5 степени. Зошто се климатските промени побрзи од нас? Еден можен одговор е дека ни недостасува доволно силно лидерство, кое ќе ги носи храбрите одлуки потребни нашето стопанство и нашето општество да остварат економски раст, но со мало согорување на јаглерод“, изјави Гутереш.

Овие цели беа договорени, истакна тој, како „минимален минимум” за да се избегнат најлошите влијанија од климатските промени.

„Обврската беше универзална – но ние не сме никаде близу до тоа каде треба да бидеме за да ги исполните овие минимални цели”, рече тој, додавајќи дека според студија на ОН обврските кои досега се договориле страните во Парискиот договор се исполнети само една третина од она што е потребно.

„Треба да сториме повеќе и треба да го направиме тоа побрзо: потребни ни се повеќе амбиции и забрзани активности до 2020 година”

Вчерашната средба се одржа како најава за ткн. „Недела на климата во Њујорк” и доаѓа по потпишувањето на Глобалниот самит за климатска акција, што се одржа во Сан Франциско претходно овој месец.

За да се мобилизираат поголеми активности и финансии, генералниот секретар ќе свика климатски самит во септември 2019 година за да „се фокусираат на суштината на проблемот”.

„Само значително повисоко ниво на амбиција ќе го стори тоа – а Самитот ќе биде можност за водачите и партнерите да ги покажат своите амбиции”.

Клучен момент на самитот за следната година ќе биде 24-тата седница на Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени – позната неформално како COP24 – која ќе се одржи во декември во Катовице, Полска.