Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изрази жалење поради недостатокот на спремност меѓу светските сили и поделената меѓународна заедница во борбата против коронавирусот, а особено во поддршката за сиромашните земји, јавува Ројтерс.
Одговарајќи на прашањата за глобалното лидерство, Гутереш рекол дека меѓународната заедница е поделена во време во „кое е поважно од било кога да биде обединета“.
„Постои неповрзаност меѓу лидерството и моќта. Гледаме примери на лидерства, но тие обично не се поврзани со моќта. А таму каде што гледаме моќ, понекогаш нема неопходно лидерство“, рекол Гутереш.
Првиот човек на Обединетите Нации изразил надеж дека оваа состојба наскоро ќе биде надмината. 15-члениот Совет за безбедност еден месец се обидува да се договори за резолуција во која ќе се нагласи итна потреба за поголема соработка на сите земји во борбата против епидемијата.
Проблем, според дипломатите, е како резолуцијата ќе се однесува кон Светската здравствена организација, на која САД и го запреа финансирањето незадоволни од нивното однесување во пандемијата.
„Постојат две клучни држави. Придонесот на Кина и САД во борбата против Ковид-19 и сите други аспекти на развојот на меѓународни односи е важен и од клучно значење. Се надевам дека ќе биде можен во иднина“, рекол Гутереш.
Во врска со климатските промени, тој посочил дека иако емисиите се намалени, „решението за климата не може да биде пандемија“.
„Очигледно, кога пандемијата ќе заврши, ако ништо не е направено, емисиите ќе се искачат на старите нивоа. Па затоа мораме да се осигураме дека ќе го комбинираме одговорот на Ковид-19 со грижите за климатските промени. Клучот за тоа е во дејствувањето и ОН ќе биде целосно посветена на тоа и верувам дека ќе мобилизираме други страни“, изјави Гутереш.