Гутереш: Човештвото мора да престане да војува со природата

Генералниот секретар на Обединетите нации (ООН) Антонио Гутереш вчера изјави дека човештвото мора да престане да „војува со природата“.

„Мораме да ја смениме насоката и да го трансформираме нашиот однос со природниот свет“, рече тој на првиот самит на ООН за кризата со биодиверзитет.

Тој додаде дека една од последиците од нерамнотежа со природата, предизвикана од уништувањето на шумите, климатските промени и производството на храна е појава на смртоносни болести како што се Сида, Ебола и Ковид-19.

„Деградацијата на природата не е чисто еколошко прашање, таа ги опфаќа економијата, здравството, социјалната правда и човековите права“, рече Гутереш.

„Занемарувањето на нашите скапоцени ресурси може да ги влоши геополитичките тензии и конфликти. Сепак, премногу често ‘здравјето’ на животната средина е занемарено од некои владини сектори“, додаде тој.

Гутереш рече дека земјите „воглавно потфрлија“ во заштитата на планетата. На почетокот на септември, ООН објави голема проценка според која ниту една од 20-те глобални цели за биодиверзитетот, кои беа договорени пред десет години со рок до 2020 година, не биле исполнети во целост.

Генералниот секретар посочи дека владите мора да вклучат решенија засновани на природата во нивниот план за обновување од коронавирусот, но притоа и да вложуваат во шумите, мочуриштата и океаните.

Гутереш ги повика светските лидери да обезбедат „најамбициозни мерки и цели кои го штитат“ природниот свет преку рамката на биодиверзитетот, кои ќе бидат усвоени на Кoнвенцијата на ООН за биолошка разновидност во мај следната година.