Гумените куршуми и парализаторите може да предизвикаат и смрт

Македонските пратениците, вчера во Собранието ги донесоа измените и дополнување во Законот за полиција со што дозволија, во случај на насилни протести, полицајците да користат гумени куршуми, шок бомби и електронски паларизатори. Со ова, Македонија им се приклучи на државите во кои веќе има воспоставено ваков начин на решавање со насилни ситуации.

Но, што велат истражувањата, колку е безбедна употребата на гумените куршуми и парализатори?

Гумените куршуми за првпат биле користени од британските сили во Северена Ирска во 1970 година, но десет години подоцна биле заменети со пластични куршуми, пишува BBC. Сепак, и употребата на пластичните куршуми останува контроверзна.

Уште во 70-те, голем број медицински професионалци, здруженија за човекови права и владини претставници ги критикуваа гумените куршуми бидејќи сметаат дека овие куршуми, сепак можат да убијат. Овој вид на оружје уште во 2000 година предизвика интерес меѓу истражувачите кои се обидуваа да ја докажат нивната опасна страна.

Еден од нив е професорот Michael Krausz, кој со неговите колеги од медицинскиот центар Рамбам во Хаифа уште тогаш алармираа гумените куршуми не се безбедни. Тие преку своето истражување покажале дека пукањето на овие куршуми кон граѓани прави да биде „невозможно да се избегнат тешки повреди на телото како што се главата, вратот и горниот дел од телото што доведува до значителен морталитет и попреченост“.

„Гумените куршуми се небезбедни и никогаш не треба властите да ги користат за контрола на немири“, предупредуваат лекарите.

Класифицирано како „помалку смртоносно“ оружје, по истиот принцип како и хемиските надразнувачи и пиштолите за зашеметување, гумените куршуми, кои обично се состојат од 40 милиметарска метална школка обложена со гума, имаат за цел да онеспособат без да предизвикаат сериозни повреди или смрт.

Исто така, нивниот дизајн и технологија напредуваше до таа мера што обдукцијата на неколку палестински цивилни жртви од 1987-1993 покажала дека 20 од нив починале од гумените куршуми што ги испукала израелската армија.

Наспроти овие информации, британскиот премиер Дејвид Камерон во 2011 година дозволи да се користат гумени куршуми за време на немирите во 2011 година, а нив ги употреби и шпанската полиција во текот на Самитот на Европската унија во Барселона.

Неодамна, на полицијата во Велика Британија и беше дозволено да кориси и електрични парализатори, познати како Taser, со цел да биде употребена сила која е соодветна на ризикот кој одреден насилник им го наметнува на јавните службеници или себе си, објави Гардијан.

Според британските власти, целта на оваа мерка е да придонесе во заштитата од терористи, но досега се покажало дека гумените куршуми и електричните парализатори се одговорни за загрижувачки број на жртви. Затоа, пишува Гардијан, ваквиот вид на муниција треба да го користат само посебно обучени службеници.