Гугл Мапс почна да покажува локации достапни со инвалидска количка

Светот стана малку подостапен со помош на новата опција на Гугл Мапс, која ги наведува локациите кои се достапни со инвалидска количка.

Луѓе со инвалидитет и оние кои се служат со помагала во движењето, сега можат да кликнат на различни јавни места и локации на апликацијата и да се информираат дали тие имаат достапен влез. Информациите се наведени во секцијата „Amenities“.

Вработени во Гугл го користеа своето „20 проценти време“ за да ја направат оваа содржина. Компанијата им овозможува на вработените да користат 20 проценти од своето време, еднаш неделно, за да работат на проекти кои не се поврзани со нивните главни работни задачи. Неколку поголеми продукти, како Гмаил или Гугл Њуз, учествуваат во оваа програма, иако поголем дел од вработените не ја користат оваа опција бидејќи немаат доволно време.

Сепак Рио Акасака, менаџер на продукти за Гугл Драјв, работеше на оваа нова содржина.

„Достапноста во Гугл е важна работа, но често беше придвижувана од тоа дали е правно дозволено или не, или од тоа дали постојат некои услови кои мораме да ги исполниме“, рекол во интервју за Бизнис Инсајдер Акасака.

Како резултат на ова, други стартап апликации го пополнуваа овој простор претходните години, внимавајќи конкретно на лицата со хендикеп. Конечно Гугл Мапс се придружува на оваа група.

Новата услуга нема само да им служи на луѓето во инвалидска количка, туку и на родителите со колички за бебиња, или на луѓе кои се служат со бастун.

Гугл Мапс ги собираше информациите за достапност на локациите преку својата заедница на локални водичи, каде членовите одговараат на прашања за местата кои ги посетиле во кои компанијата додала и делови за достапност со инвалидска количка. Според Бизнис Инсајдер, Гугл сега собрала доволно информации за да ги вклучи резултатите во нивните мапи.

Услугата, засега, е достапна на ограничен број локации, но се очекува нивниот број постојано да се зголемува.