Гугл, Мајкрософт, Фејсбук и Амазон ќе го поддржат Епл во судењето против ФБИ

Некои од најголемите имиња и конкуренти во индустријата на технологија застанаа заедно зад Епл во битката на компанијата со Федералното истражно биро (FBI).

Гугл, Фејсбук и Твитер планираат да поднесат заедничка претставка на суд за да го поддржат Apple во наредните денови, јавува Mashable, повикувајќи се на претставник на една од компаниите.

Епл е моментално во битка со ФБИ, со цел да одбегне да изработи алатка, која ќе ѝ помогне на службата да влезе во iPhone 5c телефонот во сопственост на еден од напаѓачите од масовното стрелање во Сан Бернандино минатата година.

Тим Кук, извршниот директор на Apple, тврди дека случајот ќе постави „опасен“ преседан кој ја поткопува приватноста и безбедноста на милиони корисници низ светот.

Технолошката индустрија на почетокот не одговори на овој судски спор, а многу малку компании воопшто зборуваа за тоа.

Освен заедничката претставка на трите компании, пред судиите ќе се обратат и Мајкрософт и Амазон.

Претставките кои ќе бидат поднесени од петте влијателни компании испраќаат јасна порака дека гигантите на оваа индустрија стојат заедно за принципот на приватност.

„Ние во Мајкрософт го поддржуваме Епл, и ќе поднесеме претставка во која ја браниме позицијата на компанијата на судењето наредната недела. Целосно се согласуваме со Епл во одлуката да ја отворат оваа дискусија во Претставничкиот дом и Сенатот, за оние кои се избрани од народот да ја донесат оваа одлука“, вели Бред Смит, претседател и раководител за правни работи во Microsoft.