Гугл ја лансираше Дуо, апликација за видео повици

Гугл ја пушти на пазарот својата апликација за видео повици, Дуо, која е одговор на компанијата на ФејсТајм на Епл. Апликацијата беше најавена пред три месеци, на конференцијата за дигитални технологии I/O.

Апликацијата, која засега е достапна за преземање само за паметни телефони, е една од повеќето платформи за видео повици на Гугл, но е досега наједноставна за користење.

Амит Фулеј, менаџерот на Гугл за комуникации, вели: „Корисниците се двоумат кога станува збор за видео повиците, бидејќи не знаат дали другата личност е на вистинската мрежа, вистинскиот уред, или дали е погодно време за јавување. Се обидовме да ги отстраниме тие пречки и да направиме да изгледа како покана, а не прекинување на нешто важно ако некој ве побара“.

Тој додава дека Дуо е апликација која нуди едноставност и квалитет.

Позитивни страни на апликацијата се што лесно се префрла од безжичен интернет на 3Г без да го прекине повикот, го нуди ткн. „Knock Knock live feed“ и има копче со едно притискање кое веднаш воспоставува видео повик.

Дополнително, не е потребен профил на Гугл за користење на апликацијата. Наместо тоа, корисниците можат да се регистрираат преку телефонскиот број, слично како Вајбер. Но, од таа причина, засега нема „десктоп“ верзија на апликацијата, и функционира само на телефони.