Гугл екстензија ќе ги „цензурира“ навредите на интернет

Со цел да ги натера луѓето да размислат два пати пред да навредуваат на интернет, организација за ментално здравје од Австралија ја објави едукативната алатка Reword.

Станува збор за екстензија на Гугл Хром, која ќе ги изменува вашите зборови при пишувањето на навредлива порака на интернет. Користи сличен начин на функционирање како spell check алатката, подвлекувајќи ги сите зборови кои се сметаат за непристојни со црвена линија.

Алатката е создадена од организацијата за ментално здравје Headspace и маркетинг агенцијата Лео Барнет Мелбурн. Тие се сомневаат дека луѓето кои малтретираат на интернет ќе бидат доволно самосвесни да ја преземат алатката, но се надеваат дека ќе биде инсталирана на компјутерите во училиштата и организациите.

Веб страницата објаснува како да се имплементира алатката на вмрежени компјутери. Исто така, можно е корисниците да додадат зборови и фрази во Reword датабазата, за да опфатат и термини на кои креаторите не се сетиле.

Крис Танти, извршен директор на Headspace, вели дека онлајн малтретирањето во Австралија е многу често, а алатка која би го спречила тоа е многу потребна.

„За жал, онлајн малтретирањето е ендемично. Охрабрени сме да мислиме дека ова е интернет алатка која навистина ќе помогне да се промени таквото однесување и да се намалат негативностите на малтретирањето. Притисокот врз децата на социјалните медиуми е интензивен. Reword е еден начин на кој можеме да ги охрабриме во реално време“, изјавил тој во мејл за Mashable.